Европски сојуз за променa: Османи притиска за помалку набљудувачи на ОБСЕ на изборите


Изет Меџити, Африм Гаши и Билал Касами

Европски сојуз за променa сака да добие  член во ДИК и го кандидираше Абдуш Демири за кандидат за таа позиција.

-Конкурсот за избор на член на Државната изборна комисија е веќе затворен, а претседателот на Собранието, Талат Џафери e информиран дека кандидат на Европскиот сојуз за променa е  Абдуш Демири. Откако поминаа 24 часа и откако со службен допис беше известен првиот човек на Собранието, бараме што поскоро да постапи согласно Уставот и соодветните закони во кои јасно стои дека опозицијата мора да има свој претставник на Државната изборна комисија, порачуваат од здружената коалиција на албанскитеопозициски  партии. 

Тие сметаат дека со адекватно дејствување на Џафери Собранието ќе се докаже дека власта сака следните избори да бидат фер, демократски и транспарентни. Во спротивно, ќе се сфати дека Владата, чиј дел е и претседателот на Собранието, се подготвува претстојните избори да бидат манипулирани, недемократски и без претставници на албанската опозиција. Со ваков пристап ќе има негативно влијание врз меѓународните институции и врз процесот на европска интеграција на земјата, порачаа трите партии, БЕСА, Алтернатива и Демократско движење.

Според нив, првите индиции за изборна манипулација веќе ги дал министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој како претседавач со ОБСЕ се обидел да го намали бројот на набљудувачи на оваа многу важна меѓународна институција која ги надгледува и оценува изборните процеси.

-Ја известуваме јавноста, а и државниот врв дека доколку се обидуваат да ја задржат целосно под контрола ДИК и да ја остават без претставници на албанската опозиција, во овој случај на Европскиот сојуз за променa, тогаш ние од следната недела ќе ги информираме сите меѓународни институции и амбасадите на пријателските земји како што се САД, ЕУ, но и на други европски земји.Се надеваме дека владата ќе го стави државниот интерес пред партискиот и личниот интерес, порачаа овие партии.