Европски министри „притискаат“ за преговори за членство со Северна Македонија и Албанија

Европската унија треба да донесе одлука да започне преговори за членство со Северна Македонија и Албанија, јави ДПА, пренесувајќи ги ставовите на повеќе министри за надворешни работи од ЕУ и покрај загриженоста за застојот на напредокот во борбата против корупцијата и организираниот криминал.

– Мислам дека ЕУ мора да има интерес за Западен Балкан, изјави денеска во Хелсинки германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас, појаснувајќи дека тоа е важно со цел да се спречат други, кои не споделуваат исти вредности, да го шират своето влијание.

Германската новинска агенција ДПА потсетува дека членките на ЕУ во јули ја одложија одлуката за почеток на преговори за октомври и покрај тоа што Европската комисија оцени дека Северна Македонија и Албанија ги исполниле сите предуслови за тоа.

Во тој момент Германија не беше подготвена да даде „зелено светло“, додека Франција и Холандија веќе одреден период изразуваат резервираност во однос на ова прашање.

Главните грижи се однесуваат посебно за Албанија, додека за Северна Македонија има принципиелен консензус дека треба да се награди затоа што презеде огромен чекор кога лани го реши повеќедеценискиот спор со соедна Грција за името. Како резултатот на тоа „лебди во воздух“ идејата да се почнат преговори со Скопје, додека со Тирана да бидат одложени, објави ДПА.

– Треба да се проценуваат земјите индивидуално, изјави министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Никола Димитров, додавајќи: Два е подобро од еден. Но, исто така, мислам дека еден е подобар од нула.

Маас вели дека тој засега не гледа потреба двете земји да се разгледуваат одделно.

По денешните разговори, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ Федерика Могерини изјави дека земјите-членки поокажале „уште поголема поддршка и одлучност и свесност за потребата од преземање нови чекори во процесот на проширување“.

– За земјите од регионот е важен приемот во ЕУ, но се заборава колку е тоа значајно и за самата Унија, за обединување на континентот, потенцираше Могерини. Таа вели дека „кој и да е играч“ надвор од Европа не е во состојба да ја надмине улогата на ЕУ во регионот, бидејќи трговијата и инвестициите на ЕУ на Балканот се далеку поголеми отколку на кој и да е друг во светот.

Министерот за надворешни работи на Финска Пека Хависто, чија земја претседава со ЕУ, на прес-конференцијата истакна дека доколку Унијата не биде присутна на Западен Балкан, таму ќе биде некоја друга светска сила. Тој потенцираше дека земјите од регионот пред приемот во ЕУ треба да ја зајакнат правната држава и слобода на изразување, а важна е и регионалната соработка.