Европски лидери доаѓаат во Киев на четвртата годишнина од на руската војна против Украина


Во Киев по десетти пат од почетокот на војната, напиша на Икс претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која денеска е во Украина на четвртата годишнина од руската инвазија на земјата. Фон дер Лајен соопшти дека пристигнала во Киев за да „потврди дека Европа ја поддржува Украина финансиски, воено и во текот на целата оваа сурова зима“.

„Во Киев по десетти пат од почетокот на војната. Да потврдиме дека Европа непоколебливо стои со Украина, финансиски, воено и во текот на оваа сурова зима. Да ја нагласиме нашата трајна посветеност на праведната борба на Украина. И да испратиме јасна порака до украинскиот народ и до агресорот: нема да попуштиме додека не се воспостави мир. Мир под условите на Украина“,напиша Фон дер Лајен на нејзиниот профил на Икс.

Таа денеска заедно со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе учествува на трилатерална средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тие исто така планираат да учествуваат на видеоконференција на „Коалицијата на подготвените“, која ги обединува сојузниците на Киев.

Фон дер Лајен и Кошта беа пречекани од шефот на украинската дипломатија Андриј Сибиха, кој им се заблагодари што денеска и во текот на четирите години од бруталната војна на Русија во целосен обем стојат со Украина.

„24 февруари 2022 година засекогаш ја подели историјата на Европа на ’пред’ и ’потоа’. Симболично е што раководството на ЕУ е со нас на овој ден“, напиша  Сибиха на Икс.

Во Киев денеска се и лидерите од нордиските и балтичките земји, вклучувајќи го финскиот претседател Александер Стуб и шведскиот премиер Улф Кристерсон.

„Мило ми е што ги поздравувам лидерите на нордиските и балтичките земји, нашите вистински и блиски сојузници во одбраната на слободата, правдата и вистината“, вели Сибиха.

Данската премиерка Мете Фредериксен и нејзиниот норвешки колега, Јонас Гар Стере, исто така се во Киев. Лидерите ќе се сретнат со украинскиот претседател Володимир Зеленски за да разговараат за континуираната воена поддршка за Украина, санкциите против Русија и разговорите меѓу Украинците, Русите и Американците, соопшти кабинетот на данската премиерка.

„Треба да ги продолжиме напорите за да ја ставиме Украина во најдобра можна преговарачка позиција. Тоа го правиме со испорака на оружјето што ѝ е потребно и со зајакнување на санкциите против Русија до максимум“, рече Мете Фредериксен.

Денеска, на четиригодишнината од почетокот на руската инвазија врз Украина, настани за одбележување се планирани на места како што е Буча, каде што руските војници убија голем број украински цивили. Посети на европските лидери се планираат и на локации оштетени од воздушната кампања на Русија против енергетската инфраструктура на Украина.