Европски функционери ја скористат пандемијата за дискриминација на Роми


Според активистите за човекови права, локални власти во неколку европски земји со големо ромско население применувале дискриминаторски мерки и дејствувале незаконски против таа малцинска група под изговор да се борат против пандемијата Ковид-19. Бидејќи бројот на заразени со вирусот во Европа повторно се зголемува, некои експерти стравуваат дека ќе се врати репресијата.

Ромските заедници во Бугарија беа испрскани со средства за дезинфекција од авиони за запрашување на култури на почетокот на пандемијата минатата пролет.

Ромските села во Словачка беа единствените места каде армијата спроведуваше тестови и патролираше вооружена со автоматски пушки.

Во ромските населби низ Централна и Источна Европа, каде полицијата спроведуваше мерки за карантин, имаше сè поголем број извештаи дека полицијата употребила прекумерна сила врз Ромите.

Активистите истакнуваат дека ситуацијата е влошена од фактот дека таквата дискриминација не е често осудена од другите Европејци, а Ромите не сакаат да зборуваат за тоа поради страв од последици.

Според бугарските локални власти и ромски активисти, селата околу Јамбол и Ќустендил биле испрскани со илјадници литри средства за дезинфекција од хеликоптери и авиони кои обично се користат за земјоделски култури во март и април.

„Јасно е дека тоа беше расистичко, бидејќи тоа се правеше само во ромски населби. Пошироката порака испратена до неромското население е дека Ромите се опасни“, рече Радослов Стојанов од бугарскиот Хелсиншки комитет.

Во друго бугарско, беспилотни летала со термички фотоапарати се користеа за мерење на температурите на цели ромски населби, а многу жители беа лути на скоро постојаното присуство на полицијата.

Спроведени се строги мерки во ромските заедници, иако никогаш немало голем број пријавени случаи меѓу нив, што покажува како некои влади ја користеле пандемијата како изговор за репресивни тактики.

Во многу европски земји, ширењето на инфекцијата меѓу Ромите не се следи, но словачките власти на крајот на летото изјавија дека има 179 случаи на инфекција во ромски населби, каде што живеат над 500.000 Роми.

Во отворено писмо во мај, двајца активисти за човекови права на ОН ја повикаа бугарската влада да ги прекине полициските операции поврзани со пандемијата во ромските населби и да спречи говор на омраза кон малцинството, откако лидерот на партијата ги опиша нивните заедници како „гнезда на инфекција“.

Ромите биле мета на официјални лица и во други европски земји.

Градоначалник во северна Молдавија ги обвини за ширењето на вирусот, а службено лице од еден украински град и нареди на полицијата да ги истера сите Роми од градот.

Таквите случаи не беа ограничени на Источна Европа. Претседателот на рурална општина во близина на Париз ги повика жителите да контактираат со француската влада „штом ќе видат караван како кружи“, алудирајќи на Ромите.

Неодамнешниот извештај на Европскиот центар за права на Ромите документираше 20 случаи на несразмерна употреба на полициска сила врз Ромите во пет земји, велејќи дека станува збор за невообичаено голема бројка.

Во Романија, полицијата пријавила дека употребила солзавец за да растера група Роми, вклучително и деца, за време на полицискиот час.

Словачките власти ги испитуваат тврдењата дека полицаец претепал пет деца Роми со стап и им се заканил дека ќе пука, бидејќи тие играле надвор од нивното село кршејќи го карантинот.

Од друга страна, ниту бугарските ниту словачките власти не направија многу за да им помогнат на Ромите да се заштитат од вирусот.

Во екот на пандемијата во април, околу 500 жители на Царево во Бугарија беа без вода 10 дена.

Ромски активист од Софија Огњен Исаев е загрижен дека дискриминаторските мерки можат да бидат воведени повторно ако пандемијата се влоши, додавајќи дека локалните власти што ги спроведоа не наидоа на поголема критика.

„Може да биде полошо следниот пат“, рече Исаев.