Европски филмски предизвик до 29 јануари, ве носи на Берлинале


Во тек е Европскиот филмски предизвик, на кој во текот на десет недели најпосветениот гледач ќе треба да изгледа десет европски кинематографски остварувања за да биде награден со патување на реномираниот филмски фестивал „Берлинале“. Предизвикот почна на 21 ноември а ќе трае до 29 јануари.

Проектот во земјава го имплементира Центарот за социјални иновации „Блинк 42 – 21“ заедно со европски партнери во 13 држави преку поддршка на програмата на МЕДИА – Креативна Европа и Европската филмска индустрија.

-Предизвикот е во тек на десет недели да се погледнат десет европски кинематографски остварувања на фестивали, во кино сали, телевизија или на легални онлајн платформи за што се добиваат различен број на поени. Овогодинешниот предизвик е и поддршка на македонските филмови кои од оваа есен се на репертоарите во кината, па затоа во предизвикот сите тие ќе се вреднуваат со дополнителни десет поени кои на филмофилите им носат поголеми шанси за победа во предизвикот, соопштија од Центар за социјални иновации БЛИНК 42-21.

Како што посочуваат, првиот чекор за да се учествува на натпреварот е секој заинтересиран да се регистрира на официјалната веб-страница, за што е потребно да има најмалку 18 години.

Учесникот треба да изгледа десет филмови кои ќе ги внесе на својот профил и за секој филм да го „прикачи“ насловот заедно со фотографија што докажува дека го гледал филмот и да го наведе местото или платформата на која го гледал.

– Проектите низ кои ги шириме гледиштата, се едуцираме и излегуваме од сопствените граници се од исклучително значење за нас како организација. Ова е веќе трета година како го реализираме Европскиот филмски предизвик и семејството на посветени филмофили и ентузијасти околу европската кинематографија исто така полека, стабилно и сигурно се зголемува. Културата и културните навики на граѓаните се одраз и за еманципираноста на една земја, но сето тоа е континуиран процес. Само еден од нашите проекти во таа насока е предизвикот и се надеваме дека како и досега ќе продолжи да расте, велат од „Блинк 42-21“.

„European Film Challenge“ е млада филмофилска заедница на вљубениците во европскиот филм желни да го доживеат киното од првите редови преку содржини од зад сцената, препораки и ексклузивен пристап до филмови и фестивали.

Деталите околу бодувањето и правилата може да се прочитаат на нивната веб-страница.