Eвропски филмови на „Кафе кино“ од 6 до 16 јули


Со комедијата „Добредојдовте во Германија“ на Симон Верховен од 2016 година, в сабота во Сули ан ќе биде отворено 11-дневното „Кафе кино“ кое е составен дел од програмата на фестивалот „Скопско лето“. Вториот ден од викендот (7 јули) ќе биде прикажана спортската комедија од Швајцарија „Стрикер (Гол натрапник)“. Проекциите ќе продолжат до 16 јули, секоја вечер од 21 часот.

Покрај овие два, на „Кафе кино“ годинава се уште девет понови европски филмски наслови: италијанската комедија „Хотел Гагарин“ (8 јули); швајцарскиот документарец „Хотел Југославија“ (9 јули); семејната драма од Италија „Море од жито“ (10 јули); шпанско-француската хорор-комедија „Убивајќи го Бога“ (11 јули); унгарската фантастична романтична комедија „Лиза – лисицата самовила“ (12 јули); од Унгарија е и историската авантура „Кинцсем – обложи се на одмазда“ (13 јули); данската комедија „Кариран нинџа“ (14 јули); италијанската авантура „По стапките на мојот татко“ (15 јули) и германско-италијанската авантуристичка драма „Планинско чудо“ (16 јули).

Филмови што ретко се во ударни термини на репертоарите во кината

Новинарот од Македонското радио Тони Цифровски, кој и оваа година помогна да се направи селекцијата, за МИА изјави дека и годинашниот избор филмови за популарното „Кафе кино“ е обид пред пребирливата публика на „Скопско лето“ да се распостелат, како што вели, подвижните слики од кинематографиите во Европа, кои поретко добиваат ударни термини на редовниот кинорепертоар.

-Жанровската шареноликост веруваме дека ќе обезбеди програмски фаворит за секој филмофил што ќе дојде во Сули ан. Отворањето е со одличната германска комедија „Добредојдовте во Германија“ која треба да обезбеди насмевки за добредојде на годинашното издание на ова случување, во кое мал акцент ќе биде ставен на унгарската кинематографија, рече Цифровски.

Влезницата за секој филм е 100 денари. Во Дирекцијата за култура и уметност-Скопје, организаторот на „Скопско лето“, се задоволни од интересот за овој настан во изминатите години и од продадените билети, иако Сули ан не е преполн на проекциите и не се зафатени сите 150 планирани места (столови) за гледачи.

Интересот е добар, велат, со оглед на новото време и технологијата, со која секој нов филм бргу и лесно станува достапен за гледање на интернет. Посетеноста почнала да опаѓа на почетокот на 1990-тите со распространувањето на домашното видео, кога почна и пропаѓањето на Градски кина. Но во последните години „Кафе киното“ повторно заживува зашто публиката доаѓа да гледа филмови и заради пријатниот амбиент.

По неколкуте локации, киното на „Скопско лето“ се врати на првата

Програмата „Кафе кино“ стана дел од скопскиот фестивал во средината на 1980-тите токму во Сули ан – некогашен карван-сарај, споменик на османлиската архитектура од 15 век, каде што сега се сместени Факултетот за ликовни уметности и Музејот на Старата скопска чаршија. На тоа место филмови се прикажуваа во првите две години од воведувањето на програмата, а една година и во блискиот Куршумли ан.

Подоцна неколку години филмови се гледаа зад Музејот на Град Скопје – место за кое убави сеќавања имаат и организаторите, а и публиката. Следна локација за летните проекции беше старото Кино-парк во забавниот Луна-парк, но поради неговата руинираност пред четири-пет години филмовите повторно се преселија во Сули ан, како на почетокот.

Организаторите се сеќаваат не само на различните локации низ годините, туку и како се менувало т.е. олеснувало прикажувањето на филмовите. За разлика од блу-рејот сега, до пред само неколку години располагале со гломазен апарат – соодветен за 35-милиметарските филмови. Еден таков голем и застарен кинопроектор, набавен пред дваесетина години со средства од ФАРЕ-програмата, се чува „пензиониран“ во магацин.