Европската Унија по трет пат ја прошири листата на санкционирани лица во Белорусија


 Советот на Европската Унија по трет пат го прошири списокот на лицата под санкции од Белорусија, се наведува во Брисел.

Советот на ЕУ денеска усвои 36 дополнителни имиња за санкционирање, што се однесуваат на високи белоруски функционери одговорни за насилните репресии и заплашувањата на мирните демонстранти, членови на опозицијата и новинари.

Мерките, како што се наведува, се насочени и кон економските чинители, истакнати бизнисмени и компании, што имаат корист или го поддржуваат режимот на Александар Лукашенко.

Рестриктивните мерки се однесуваат на забрана за патување во земјите од ЕУ и замрзнување на нивниот имот.

Забраната за патување се донесува на споменатите лица да не можат да влезат или транзитираат на територијата на ЕУ, додека замрзнувањето на имотот се користи за средствата или економските ресурси на наведените лица.

Покрај тоа, на граѓаните и компаниите на ЕУ им се забранува да им ставаат на располагање било какви средства на овие лица и ентитети.

Вкупно 88 Белоруси и седум нивни ентитети во моментов се под режимот на санкции на ЕУ, вклучувајќи го и претседателот Александар Лукашенко. с