Европската унија планира нов итен самит за Брегзит


Белгија – ЕУ размислува да свика итен состанок на лидерите на ЕУ за Брегзит, јави Би-Би-Си.

Внатрешните дискусии во ЕУ се фокусираат на можно „одржување на самит на лидерите на ЕУ оваа недела“. Европски дипломати за Би-Би-Си изјавиле дека е „постигнат голем напредок во преговорите“ но оти сепак им треба повеќе време.

– Минатата недела почувствувавме дека работите сега ќе се одвиваат многу брзо. Сега сфаќаме дека сè уште сме далеку со ставовите, изјавил анонимен дипломат.

Се очекува Велика Британија да ја напушти Европската унија до крајот на овој месец, а рокот веќе беше одложен неколку пати. Британија првично требаше да излезе од Унијата во март, но не успеа откако парламентот одби да го одобри договорот за Брегзит.

Додека премиерот Борис Џонсон вети дека Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 31 октомври, со или без договор, британските пратеници усвоија закон со кој го принудија да бара одложување на рокот до јануари 2020 година, ако не се постигне договор до 19 октомври.