Европската тројка на средба во Собранието, сите за уставни измени освен ВМРО-ДПМНЕ
На средбата со пратеничките групи сите бил за усвојување на уставните измени освен ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата

Европската министерска тројка денеска беше и во Собранието за на средба со спикерот талат џафери и координаторите на пратеничките групи да видат какво е расположението меѓу пратениците за усвојување на уставните измени.
Талат Џафери ја поздравил посетата на Ана Лирман, Лоранс Бун и Шимон Шинковски вел Сенк (министри од Германија, Франција и Полска) велејќи дека оваа посета доаѓала во вистински момент и ја повтори посветеноста на Македонија за остварувањето на стратешките цели за членство во НАТО и во ЕУ. Во поглед на процесот на уставни измени кои се единствен предуслов за отворање на преговарачките поглавја, беше истакнато дека во моментов во Собранието нема потребно мнозинство за нивно спроведување.
Министерката Бун ја искажа поддршката која постои во Европската унија за процесот на проширување и интересот за унапредување на интегративниот пат на земјите од целиот регион во Унијата, што ќе придонесе за поголема стабилност и безбедност на европскиот континент. Оваа променета реалност и овој прозорец на можности кои се актуелно создадени, треба максимално да се искористат, имајќи го предвид фактот дека следната година се европските избори и истите ќе направат одреден застој доколку некои процеси не се завршат до крајот на оваа година.
Министерот Шинковски вел Сенк информираше за историското минато на трите земји, несогласувањата и проблемите со кои се соочувале во минатото, но и за единствената нивна поддршка на процесот на проширување и обединување. Ги потенцираше четирите приоритети на идното полско претседавање со Советот на ЕУ, меѓу кои ќе биде и процесот на проширување со конкретни активности.
Министерката Лирман нагласи дека во овој момент, партиските интереси не треба да одат над стратешките интереси на државата, повторувајќи дека преговарачката рамка која е усвоена од страна на земјите членки на ЕУ нема да се менува и таа претставува основа за процесот на преговори на Македонија и дека нема нови барања и нови предуслови за отворање на преговарачките поглавја освен донесувањето на уставните измени. На крајот, ја потенцираше резолуцијата донесена од страна на германскиот Бундестаг за поддршка на национални интереси на Република Северна Македонија.
Според соопштението од средбата партиските претставници изразиле различни гледишта во однос на донесувањето на уставните измени. Сите биле за донесување на уставните измени освен пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата. Била побарана и поголема поддршка и гаранции од европските партнери за процесот на преговори за спречување на нови барања од страна на Бугарија.