Европската народна партија ќе ја исфрли Фидес на Орбан до крајот на годинава?


Доналд Туск и Виктор Орбан

„Тоа нема никаква врска со духот на демократијата“, вели Лидерот на ЕПП, Доналд Туск, за законот за вонредни ситуации кој на Виктор Орбан му дава широки овластувања

 

Доналд Туск во четвртокот изјави дека политичката групација до крајот на годинава ќе ја исфрли партијата Фидес на унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Во интервју за германски Дер Шпигел, лидерот на Европската народна партија (ЕПП), Доналд Туск, изјави дека унгарскиот законот за вонредни ситуации можеби не е контроверзен од правна гледна точка, но дека „нема никаква врска со духот на демократијата“, пренесе Хина.

„Колку пати во историјата сме биле сведоци политичарите да донесат закони за да ги прошират своите овластувања? Во Германија тоа го знаете“, рече поранешниот претседател на Европскиот совет.

Европската унија ја критикува унгарската влада поради нејзиниот авторитарен одговор на пандемијата со корона вирусот. Парламентот во Будимпешта, во кој мнозинството го има партијата на Орбан, Фидес, кон крајот на март изгласа закон кои и дава на владата големи овластувања.

Новиот закон му овозможува на Виктор Орбан да донесува уредби без временско ограничување, а законот предвидува и високи затворски казни за сите оние за кои што ќе се оцени дека го попречуваат спроведувањето на мерките за спречување на ширење на вирусот или шират лажни информации.

Туск не откри кога ќе биде следниот состанок на ЕПП, посочувајќи дека би можел да се одржи најрано во септември.

„Но, тогаш, се разбира, ќе дојде времето за носење одлука“, заклучи Туск.