Европската комисија одобри 11 милијарди евра за Бугарија до 2027 година
Европската комисија во средата го одобри договорот за партнерство со Бугарија во вредност од 11 милијарди евра (21,5 милијарди лева) за периодот 2021 – 2027 година. Бугарија ќе има пристап до над 16 милијарди евра од ЕУ за 7-годишниот период.
Договорот за партнерство е основата врз која започнува работата на оперативните програми. Тој ја дефинира инвестициската стратегија на Бугарија во областа на кохезионата политика за 7-годишниот буџетски период.
Договорот за партнерство ги опфаќа Европскиот фонд за регионален развој – ERDF, Европскиот социјален фонд плус – ESF+, Кохезиониот фонд, Фондот за праведна транзиција – JSF и Европскиот фонд за поморство, рибарство и аквакултура – EMFF.
Поточно, 600 милиони евра ќе помогнат да се зголеми уделот на обновливите извори на енергија на 27% од вкупната потрошувачка на енергија, како и да се намали потрошувачката на енергија и емисиите на стакленички гасови во јавните згради. Средствата ќе се користат и за рециклирање на 70% од целиот отпад од пакување.
Инвестициите ќе бидат насочени и кон намалување за повеќе од една третина (најмалку 35%) уделот на населението кое живее во ризик од природни катастрофи – на пример поплави или шумски пожари.
Средствата, исто така, ќе ѝ помогнат на Бугарија да ја подобри својата основна инфраструктура, особено во регионите каде што инвестициите во инфраструктурата се недоволни или ги нема.