Европската комисија ќе го објави извештајот за Северна Македонија

Белгија- Европскиот комесар за проширување Јоханес Хан и потпретседателката на Европската комисија, Федерика Могерини, денеска во Европскиот парламент и во ЕК ќе ги презентираат најновите стратегии за проширувањето на ЕУ.

Нашата држава очекува повторно да добие зелено светло од Комисијата за датум за почеток на преговори со ЕУ, датум кој потоа треба да биде одобрен од земјите членки на ЕУ. Извештаи ќе бидат објавени и за сите други земји во регионот.

Конечната верзија на овие клучни документи се финализираше до доцна синоќа во просториите на Европската ломисија, но Северна Македонија се очекува во секој случај да добие позитивни оценки за реформскиот напредок во мнозинството области, вклучувајќи ги и критичните реформи кои треба да го отворат патот за преговори за членство: судството, јавната администрација, разузнавачките служби и борбата против корупцијата.

Освен Северна Македонија, Албанија исто така очекува да добие зелено светло за старт на преговори и позитивен извештај од ЕК денеска, но останува нејасно до последен момент дали двете земји ќе останат со иста оценка од Европската комисија, со оглед на политичката нестабилност во соседната земја во последните месеци.

Клучна сепак останува одлуката на земјите членки на ЕУ за датумот за преговори, одлука која се очекува најрано во текот на јуни, но која би можела да биде одложена за јули или септември.

Земји како Франција и натаму се противат на стартот на преговори со Северна Македонија и Албанија во јуни. Иако не се исклучува можноста нивните ставови да омекнат, неизвесно е за сега дали и какви последици ќе имаат изборните резултати за Европскиот парламент врз расположението и одлуките во Европската Унија.

Доколку германскиот Парламент успее на почетокот на јуни да одобри преговори со Северна Македонија, тогаш би можело веќе на 18-ти јуни да се стави прашањето на дневниот ред на министрите на ЕУ во Луксембург, каде не е исклучено повторно жестока дебата помеѓу земјите членки како и минатата година.

Одлуките на земјите членки во секој случај ќе се водат од заклучоците на извештаите на Европската комисија кои се објавуваат денеска, и во тој поглед ќе биде важно да се нотира дали и какви разлики ќе има во формулацијата за Македонија и за Албанија.

Извештаите ќе им биде презентирани на европратениците во 11,30 часот денеска во Брисел, а потоа пред Европската Комисија по средбата на колеџот на комесари, најавија прес службите.