Европската агенција за лекови го одобри дексаметазонот за лекување на корона вирусот

Европската агенција за лекови ја одобри употребата на дексаметазон за третман на пациенти заболени со Kовид-19 кои имаат проблеми со дишењето, отворајќи го патот овој стероид да стане втор одобрен лек за третман на Kовид-19 во Европа по ремдесивирот.

ЕМА денеска објави дека лекот може да биде опција за лекување на возрасни и адолесценти на кои им е потребна терапија со кислород или респиратор, откако ги разгледа резултатите од студијата на британските научници.

Студија наречена „Рекавери“ спроведена од научници од Оксфорд покажала во јуни дека дексаметазонот ја намалува смртноста за околу една третина кај тешко болните лица со Ковид-19. Лекот, во меѓувреме, е одобрен во Јапонија за третман на Ковид-19.