Европска танцова елита на „Стејџ 2021“ во НОБ


Во Националната опера и балет минатиот викенд се одржа Интернационалниот танцов натпревар „Stage 2021“ – првиот натпревар што се одржа во живо на сцена, откако се случи пандемијата со КОВИД-19.

Како што соопштија од тимот на „Stage 2021“, натпреварот на едно место ги собра најдобрите балетски студија и танцови клубови од домашната и европска танцова елита, при што учествуваа најдобрите танцови и балетски студија и клубови од нашата држава, од Грција, Србија, Косово, Турција и Словенија.

Поради поголема безбедност на сите учесници настанот беше одржан без публика.

На интернационалниот натпревар во Скопје учество земаа над 32 танцови и балетски студија кои настапија со над 850 учесници во сола, групи, формации и продукции. Децата учесници беа оценувани од врвни професионалци од областа на танцот од сите танцови стилови, судии од Северна Македонија, Словенија, Турција, Србија и Бугарија.

Претседател на жирито беше магистар Олга Панго, директор и педагог на балет во Националата опера и балет, а членови на житито беа Слаѓана Спасеновска, шефица на балетскиот оддел во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, Бахри Гуркан од Турција, Милана Митровиќ од Србија, Душан Водлан од Словенија, Елена Ангелова од Бугарија, Ивана Ивановска Илиќ од Србија и Себастијан Водлан од Словенија.

Натпреварот „Stage 2021“ е во организација и продукција на балетскиот педагог, кореограф и продуцент Тамара Ѓурчиновска, сопственик на балетското студио „Арт балет“ и поддржан од Министерството за култура и Националната опера и балет.

-Ни беше чест и задоволство со врвна и беспрекорна организација да ги пречекаме сите учесници кои долго го очекуваа овој настан. После две години, танчерите и балетските играчи конечно имаа можност да се претстават на една од најубавите сцени во регионот и повторно да ја почуствуваат оваа преубава атмосфера и волшебно танцување. Изразувам огромна благодарност и почит на сите кои земаа учество во реализацијата на овогодинешниот Интернационален танцов натпревар „Стејџ 2021“ и од срце им честитам на сите вредни играчи-танчери, изјави организаторот на натпреварот, Тамара Ѓурчиновска.

Учесниците од „Брејк а Лег“ од Скопје посочија дека станува збор за одлична организација и прекрасни балетски, хипхоп и латино перформанси.

-Настан за паметење бидејќи малку заборавивме на вистинските вредности на танцувањето, а тоа е споделување на знаењата, поддршката и дружењата на танчерите и танцовите клубови. Чиста десетка за интернационалниот танц натпревар Stage 2021″, изјавија учесниците.