Европска куќа и во Струга


Фото: Б. Грданоски

Утре, 15 јуни 2023 година во 11:45 часот, во Паркот на поезијата во Струга, амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската унија, Рамиз Мерко, градоначалник на Струга и Слободан Трендафилов, вршител на должност директор на Сојузот на Синдикати ќе учествуваат на церемонијата на потпишување на официјалниот почеток на градежните работи за Европска куќа во Струга.

Амбасадорот Гир и градоначалникот Мерко ќе потпишат договор за соработка за официјализирање на започнувањето на работите финансирани од ЕУ за уште една канцеларија на Јуроп Хаус – во Струга. На свеченоста ќе биде потпишан и договор меѓу општина Струга и Сојузот на синдикати. Церемонијата ќе се одржи во присуство на г-дин Бојан Маричич вицепремиер за европски прашања г-ѓа Анџелина Ајхорст, управен директор за Европа и Централна Азија во Европската служба за надворешни работи.

Европска куќа ( Europe House)  е уникатен простор, кој работи како центар кој ги вклучува претежно, но не исклучиво младите луѓе во различни видови активности поврзани со образованието, иновациите, културата, вмрежувањето, дебатата, истовремено промовирајќи ја ЕУ и нејзините вредности и принципи. На младите им нуди можности да дојдат со свои идеи и иницијативи и активно да се вклучат во дискусиите за нашата заедничка европска иднина, обликувајќи ја агендата, споделувајќи ги сопствените перспективи за прашања од значење за нив и за многу млади Европејци.

Новата канцеларија на Европска куќа – „местото на новата генерација“ ќе биде во Паркот на поезијата во Струга со површина од 119м2. Работите ќе се одвиваат во период од четири месеци, а отворањето се очекува да се случи пред крајот на 2023 година. Активностите ќе бидат насочени кон учесници од Југозападниот регион, што ќе придонесе за нивен подобар ангажман и активизам.

Европска куча Струга ќе се приклучи на мрежата на канцеларии на Европска куќа што Делегацијата на Европската Унија во Македонија ги отвора низ целата земја од 2019 година. Во моментов работат четири канцеларии и тоа: во Скопје (2019), Крива Паланка, Струмица (2021) и во Битола (2023). Петтата канцеларија ќе биде во Велес, а официјалното отворање е планирано до крајот на овој месец.