Европска комисија: „Величењето на воените злосторници нема место во земјите кандидати за ЕУ“

Од Комисијата порачаа дека секое глорифицирање на воените злосторници е спротивно на европските вредности


 

Европската комисија во петокот, коментирајќи ги информациите дека неколку црногорски политичари и функционери од владејачките партии ја величале фигурата и делото на Ратко Младиќ, објави дека секое величење на воените злосторници е спротивно на европските вредности и нема место во Европската унија или кај кандидатите за членство.

И во Македонија партијата на министерот за локална самоуправа, Иван Стоилковиќ, Демократската партија на Србите, го глорифицираше починатиот воен злосторник, што наиде на остра осуда на опозицијата, додека владата и владејачката ВМРО-ДПМНЕ молчат.

Во одговор на прашањата од подгоричкиот весник „Вијести“, Европската комисија потсети дека Ратко Младиќ отслужуваше доживотна казна затвор за злосторства против човештвото и геноцид во Сребреница и дека е воен злосторник кој е прогласен за виновен од Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија и осуден на доживотен затвор во 2017 година. Оваа пресуда беше потврдена во жалбената постапка пред Меѓународниот резидуален механизам за кривични трибунали во 2021 година.

Меѓу црногорските функционери кои го величаа Ратко Младиќ, се издвои претседателот на Собранието на Црна Гора и лидер на Новата српска демократија (НСД) Андрија Мандиќ, кој рече дека упатил сочувство на семејството во свое име и во име на својата партија. Мандиќ објави на Икс дека му упатил сочувство на Дарко Младиќ во свое име и во име на НСД „по повод смртта на неговиот татко, генерал Ратко Младиќ“.

Црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ реагираше на ова велејќи дека односот кон семејството на починатиот не може да биде изговор за релативизирање на воените злосторства и нагласи дека Црна Гора мора да ги почитува пресудите на меѓународните судови, јасно да ги осуди воените злосторства, да го зачува достоинството на жртвите и нивните семејства и да отфрли какво било глорификација и релативизација на воените злосторства.

На објавата на Мандиќ реагираше и министерот за надворешни работи на Црна Гора и претседател на Бошњачката партија (БП), Ервин Ибрахимовиќ. „Правно осуден воен злосторник, и жив и мртов, заслужува само презир“, напиша Ибрахимовиќ на социјалната мрежа Икс, додавајќи дека сè друго е (не)скриено глорификација на злосторникот, злосторството, геноцидот и геноцидните политики.

Глорификацијата на воените злосторства ја осуди и вицепремиерот на црногорската влада од албанската партија, Ник Ѓељошај, кој нагласи дека глорификацијата на конечно осудениот воен злосторник Ратко Младиќ не е само став кон минатото, туку и показател за вредностите што поединците ги претставуваат и денес.