„Европска иднина, поблиску од кога било“ – почна медиумската кампања на Владата


 

Владата од денеска почнува со медиумска кампања која има за цел да ја информира јавноста за конкретните придобивки од евроинтеграцискиот процес и членството во ЕУ за граѓаните на Македонија. Кампањата, како што се наведува, ќе овозможи и подобро разбирање на реформите врзани со евроинтеграциите и приближување на европските вредности.

Како што информира владината прес-служба, под слоганот „Европска иднина, поблиску од кога било“, Владата преку панел дискусии, информативни видео спотови, видео анимации, билборди и дигитална содржина наменета за социјалните медиуми ќе обезбеди информации за граѓаните кои се однесуваат на предностите пред сѐ од евроинтеграцискиот процес на земјата, но и крајно од членството во ЕУ.      

Кампањата е фокусирана на пет области: со економијата започнува медиумската кампања, а понатаму следуваат и земјоделство, животна средина и ресурси, демократија и владеење на правото и млади. Со тоа кампањата се фокусира на промените постигнати со европска поддршка, а во процесот на спроведување на реформите и постигнувањето на европските стандарди. Кампањата ја посочува досегашната позитивна трансформација на економскиот, социјалниот и општествениот живот во земјата и ќе придонесе кон подобро разбирање на реформите кои ќе овозможат понатамошен развој на државата по европски стандарди и градење на европска иднина, дома.

„Владата на Македонија е посветена на европскиот пат и остварувањето на стратешката цел – полноправно членство во ЕУ. Со поддршка од Европската унија, Владата досега има спроведено голем број на проекти во конкретните области кои директно се наменети за подобрување на животот на граѓаните. Поддршка на земјоделството преку ИПАРД програмите, вложувањата во одржлива и зелена енергија, можностите за младите да се стекнат со европски знаења и искуство преку програмите за мобилност се само дел од придобивките од евроинтеграцискиот процес“, се вели во соопштението.

Кампањата ќе ги претстави и можностите што ќе се отворат за земјата по нејзиното пристапување во Европската унија.

„Со членството во ЕУ, Северна Македонија ќе добие поголем пристап до ЕУ фондовите и пристап до европскиот пазар, што е од суштинска важност за домашната економија и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Анализите покажуваат дека средствата од европските фондови се за 11 пати поголеми за една земја членка од средствата достапни за земјите кандидати“, се вели во соопштението.

Евроинтеграциите и членството во ЕУ, како што се наведува, не носат само економски придобивки. Тие пред сѐ носат и развој на демократијата, како и подобра заштита на човековите права и слободи. Преку процесот на европеизација, јакнат институциите, се подобруваат услугите за граѓаните, а младите и граѓанското општество активно учествуваат во креирањето на политиките за подобра европска иднина. Интеграцијата во ЕУ значи и подобрувања во областа на владеење на правото што резултира крајно со ефективна правда. Интеграцијата значи и поголем фокус на обновливи извори на енергија и воедно подобрување на стандардите и квалитетот на воздухот, водата и почвата и уште многу позитивни промени за сите.

Кампањата „Европска иднина, поблиску од кога било“ ги нагласува посветените напори на Владата кон европската интеграција и кон подобрување на животот на граѓаните по европски стандарди.

„Кампањата, преку подигање на свесноста, обезбедување на точни и прецизни информации и подобрување на разбирањето на реформските процеси, придонесува кон градење на широка поддршка за остварувањето на стратешката цел, членството на Северна Македонија во Европската унија“, стои во владиното соопштение.