Европратениците од ГЕРБ со писмо го бранат Борисов во Брисел


Во писмото шестмина европратеници во писмо до сите колеги во Европскиот парламент и до Европската комисија го обвинуваат претседателот Радев и привремената влада дека користеле „најстрашни техники на комунистичкиот режим“

 

Шестмина европратеници од ГЕРБ испратија писмо до сите нивни колеги во Европскиот парламент и до комесарите на ЕУ во кое го бранат поранешниот премиер Бојко Борисов од тврдењата за претседателот Румен Радев и службената влада за големи злоупотреби. Во писмото, како што наведува „Медијапул“, Андреј Ковачев и петмина негови колеги ја обвинуват привремената влада и претседателот Радев со буквално повторување на тврдењата на Борисов искажани во од неговите монолози на Фејсбук во последните недели.

Во текстот се вели дека привремената  влада  била „предложена од про-Кремљ претседателот Румен Радев“.

„Главната цел на привремената влада е да се одржат фер и транспарентни парламентарни избори на 11 јули. За жал, наместо тоа, привремената влада дејствува како изборен тим на претседателот Радев за претстојните претседателски избори оваа есен. Методите што ги користат, за жал, се исто како и оние што ги користеше комунистичката полиција за репресија на нивните политички противници“, се вели во писмото.

Тие велат дека привремениот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков, им упатил „заканувачки изјави“ на своите противници и новинари, користејќи ги зборовите „поранешни луѓе“ – термин што го користел комунистичкиот режим во Бугарија.

„’Поранешните луѓе’ биле оние испратени во логори за труд или до смрт; понекогаш вклучувајќи и некои од членовите на нивните семејства“, напишале европратениците од ГЕРБ.

Тие исто така ја критикуваат смената на директорот на тајната полиција ДАНС. Според нив, директорот на агенцијата е „познат по успешната операција за разбивање на руска шпионска мрежа во земјата“. „Во која било демократија, учесниците во таквата операција ќе бидат почестени за нивниот придонес во заштитата на националната и европската безбедност. Денес во Бугарија тие се отпуштени“, напишаа европратениците.

Писмото завршува со констатацијата дека „привремената влада на претседателот Радев користи некои од најстрашните техники на комунистичкиот режим – ширење лаги, дезинформации и закани за да ги исплаши нивните противници“.