Европратениците бараат од ЕК да ги блокира санкциите на САД против МКС
Стразбур – Додека Вашингтон размислува за воведување санкции врз Меѓународниот кривичен суд поради неговото постапување со Израел, пратениците на ЕУ бараат од Европската комисија да им забрани на европските фирми и банки да ги спроведуваат американските санкции.
САД презедоа мерки против девет судии и четворица обвинители во судот откако институцијата со седиште во Хаг издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.
„За да ги заштити своите вредности, (ЕУ) мора да го заштити Меѓународниот кривичен суд и луѓето што работат таму. Тоа значи… активирање на законот за блокирање“, изјави холандскиот европратеник Дирк Готинк од Европската народна партија за Политико по состанокот зад затворени врати на економскиот комитет на Европскиот парламент.
Блокирачкиот статут е правен механизам на Унијата за заштита на европските компании и поединци од негативните последици од екстратериторијалната примена на законите и санкциите на трети земји.
Санкциите на САД врз Меѓународниот кривичен суд би создале голем број оперативни проблеми за институцијата, како што се исплатата на плати на вработените, пристапот до ИТ услуги и одржувањето на единиците за притвор. Блокирачкиот статут би можел да го заштити овој суд со тоа што ќе ги спречи европските компании да ги почитуваат санкциите на САД.
Шефот на германската дипломатија, Јохан Вадефул, вчера го посети судот и ја изрази својата поддршка. Неговата посета беше значајна со оглед на силната поддршка на Германија за Израел.
На заедничка конференција со Вадефул, неговиот холандски голега, Том Берендсен, блокирачкиот статут го нарече „нуклеарна опција“, објавија американските медиуми.
Во холандското МНР изјави за Политико дека холандската влада е во контакт со Комисијата за да се осигури дека законот може брзо да се усвои.
„Прашањето е дали ќе бидеме демократија во 21 век. Дали ќе има владеење на правото во Европа?“, рече францускиот судија на Меѓународниот кривичен суд, Николас Гију, во комитетот. „Ние сме помеѓу терористите на Ал Каеда и ДАЕШ, а некои клептократи и меѓународни дилери на дрога се на истата листа“, истакна тој.
Гију е еден од 13-те функционери на Меѓународниот кривичен суд, вклучувајќи ја и претседателката, Јапонката Томоко Акане, кои се под санкции на САД.
Француската социјалистка и претседателка на економскиот комитет, Аурора Лалук, изјави дека она што се случува околу судот во Хаг е голем тест за Европа, а воедно и тест за политичката волја на ЕУ. Таа ја повика Комисијата да интервенира на највисоко политичко ниво.
„Знаеме дека американската администрација работи само со јасни сигнали. Она што ни треба е водство на Комисијата“, рече Готинк.
Холандската политичарка истакна дека еден од големите проблеми е прекумерното почитување на санкциите на Вашингтон од страна на европските финансиски фирми, додавајќи дека банките во Европа автоматски ги применуваат американските санкции, без никакви прашања.
„Таа автоматичност доаѓа од времето кога мислевме дека Американците се уште наши стари пријатели. Секако, ние ги преземаме санкциите од Американците. Тие го ослободија нашиот континент. Но, тоа време помина и мораме автоматски да престанеме да го следиме Стејт департментот, имајќи предвид какви политики се создаваат таму во моментов“, рече Готинк.