Европол разби балкански картел кој шверцувал кокаин од Јужна Америка


 

Полицијата од Хрватска, Италија, Црна Гора, Холандија, Португалија, Србија и Шпанија, во координирана акција со Европол, разбија криминална организација која тргувала со кокаин од Јужна Америка во Европската Унија.

Истрагата за оваа криминална мрежа траела неколку години, а вклучувала бројни држави членки на ЕУ и земји од регионот на Западен Балкан.

Криминалната банда главно била сочинета од црногорски државјани, но и државјани на Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија и Србија.

Меѓу 2019 и 2020 година, органите за спроведување на законот заплениле повеќе од шест тони кокаин во Аруба, Брегот на Слоновата Коска, Португалија и Шпанија. Истрагата по запленет кокаин во португалија открила можни врски меѓу оваа криминална мрежа и мафијашката организација Ндрангета – италијанска криминална банда. Оваа иста заплена довела до идентификација на 17 нови осомничени, од кои 13 се црногорски државјани.

Во текот на истрагата процесуирани се 29 осомничени во Хрватска, Италија, Црна Гора, Холандија, Србија, Словенија и Португалија.

„На денот на акцијата, 27 јули 2022 година, службениците на Еуропол извршија разија на 37 локации – една во Хрватска, две во Италија, 33 во Црна Гора и една во Србија“, пишува во соопштението на официјалната страница на Европол.

Уапсени се 12 лица, од кои по едно од Хрватска и Италија, две во Србија и дури осум во Црна Гора.

Притоа, одземени се скапоцени часовници, банковни картички, лажни документи, муниција и оружје, автомобили, еден глисер и огромни количини пари.