Европол испрати тимови во земјите кои граничат со Украина


Европол денеска објави дека испратила тимови во земјите што граничат со Украина во обид да ги заштити бегалците и да спречи влез на криминалци и терористи во Унијата.

Агенцијата со седиште во Хаг соопшти дека нејзините тимови ги поддржуваат локалните власти со спроведување секундарни безбедносни проверки и обиди да „идентификуваат криминалци и терористи кои се обидуваат да влезат во ЕУ заедно со бегалците и да ја искористат ситуацијата“.

Екипи се испратени во Литванија, Полска, Романија, Словачка и Молдавија, по барање на тие земји, а една ќе пристигне во Унгарија.

Нивните членови ќе собираат податоци на терен за да ја проценат заканата од криминал низ Европа.

Според ОН, од почетокот на руската инвазија на 24 февруари, повеќе од четири милиони луѓе ја напуштиле Украина.