Европејците најмногу стравуваат од илегалната миграција


Граѓаните на ЕУ повеќе стравуваат од напливот на илегалната миграција предизвикана од климатските промени, отколку од безбедносната закана од Русија, покажуваат резултатите од глобалното истражување спроведено за потребите на Минхенската безбедносна конференција, што ќе се одржи на крајот на оваа недела. 

Истражувањето покажува дека Европејците најмногу се загрижени поради миграцијата поттикната од војните и климатските промени, по што следува заканата од радикалниот исламски тероризам. Безбедносната закана што ја претставува Русија, која во минатогодишното слично истражување беше оценета како причина за најголема загриженост, годинава е на четвртото место. 

„Руската закана“ е главен ризик само за анкетираните во Велика Британија и Јапонија, додека за Германците таа е на седмото место од вкупно 32 понудени можни безбедносни ризици во истражувањето, а за Италијанците дури на 12-то. 

Европејците и Американците сметаат дека нивните земји ќе бидат „помалку безбедни“ и „помалку богати за 10 години“ и очекуваат Кина и другите земји од т.н. глобален југ да ги зголемат своите моќ и влијание, од што главна корист би имал Пекинг. 

Во анализата на истражувањето се посочува дека Европејците се „далеку од живеење во мрачна глобална безбедносна средина“, како и дека постои „празнина во потенцијалите на европската одбрана“, како последица на политичкото лидерство во Европа. 

При тоа се наведува дека во време кога претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел инсистираат на поддршката на Унијата за Украина и ги поттикнуваат заедничките иницијативи за набавки од одбранбената индустрија, на некои членки на блокот, особено на Германија и Франција, им „недостига акција“.  

Во текстот се посочува дека актуелната германска Влада на канцеларот Олаф Шолц во повеќе наврати била изложена на критики поради „нејзиното неучество во прашања поврзани со одбраната на ЕУ“, додека во Франција проблемите на одбранбената индустрија се третираат како „чисто индустриски, а не колективен европски интерес“. 

– Обврската е на Германија и Франција да ја повратат довербата, се наведува во извештајот, во кој се посочува дека зајакнувањето на соработката во одбраната е од суштинско значење, особено во услови кога придобивките од глобалната соработка се повеќе се надвор од фокусот како последица на зголемените тензии и економската неизвесност.  

Во текстот се укажаа дека и Русија и Кина „вешто шират наратив дека западните земји промовираат блоковска поделба на светот“ и го обвинуваат Западот за двојни стандарди во практикување на „правилата на меѓународниот поредок заснован на правила“. 

– Доколку продолжат актуелните трендови, САД и нивните сојузници, ризикуваат да загубат во меѓусебните обвинувања и да бидат прогласени за виновници за ерозијата на меѓународен поредок, се наведува во извештајот, при што се потенцира дека оваа „битка на наративи“ особено е видлива во Африка, Индо-пацифичкиот регион и Блискиот Исток.  

Со анкетата биле опфатени 12.000 лица во земјите на Г7, како и во Бразил, Индија, Кина и Јужна Африка.