Европарламентот воспоставува Европски орден за заслуги


Брисел – По повод 75-годишнината од објавувањето на Шумановата декларација, Европскиот парламент донесе одлука да воспостави Европски орден за заслуги, како прво европско одликување од ваков вид што го доделува институција на ЕУ. 

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, овој орден ќе им се доделува на поединци за достигнувања кои имаат значаен придонес за европската интеграција и вредности.  

Според претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола, со овој орден ќе бидат одликувани оние кои, како и Роберт Шуман, дејствуваат со убедување и уверување дека мирот, демократијата и достоинството не се само идеали, туку и дела.  

– На 75-годишнината од смелиот почеток на нова Европа, им оддаваме почит на оние кои продолжуваат да ја градат. Европа е изградена од нејзините луѓе, а Европскиот орден за заслуги е за нив, порача Мецола.  

Согласно одлуката за воспоставување на Орденот, предлози за негово доделување можат да дадат претседателите на Европскиот парламент, Европскиот совет и на Европската комисија, како и шефовите на држави или влади и претседателите на националните парламенти на членките на ЕУ.  

Се предвидува годишно да има до 20 добитници на Орденот, за кои ќе решава посебен Комитет составен од претседателот на Европскиот парламент, двајца од неговите потпретседатели, како и уште четворица истакнати европски личности. 

Европскиот парламент на денешната пленарна сесија во Стразбур нагласи дека мора да се дадат гаранции за заштита на граѓаните, а потоа ја даде својата согласност за договорот за излез на Обеди

Сите земји членки на ЕУ, освен Ирска, доделуваат национални ордени за достигнувања и придонеси за општеството. За разлика од ова, Ирска нема на национални ордени, туку доделува само почесни титули и награди. 

Ниту едно од овие признанија не се однесуваат за придонес за европската интеграција и за промоција на вредностите на ЕУ, па Европскиот орден за заслуги треба да ја пополни оваа празнина, потврдувајќи го заедничкиот европски идентитет во време кога глобалните предизвици бараат посилно единство. 

Се очекува првата церемонија на доделување на Орденот, со кој Европскиот парламент ќе оддава почит на трајниот дух на европското единство, да се одржи во 2026 година. 

Шумановата декларација е дело на тогашниот францускиот министер за надворешни работи, Роберт Шуман поднесена на 9 мај 1950 година со која се предлага воспоставување на единствен пазар за јагленот и челикот произведен во Западна Германија и Франција, со цел преку заедничките интереси да се надмине ривалството меѓу двете земји само пет години по завршувањето на Втората светска војна. Според Шуман, така воспоставената солидарност во производството на јаглен и челик јасно ќе покаже дека секоја војна меѓу Франција и Германија станува не само незамислива, туку и материјално невозможна. 

Врз основа на идејата на Шумановата декларација на 18 април 1951 година Белгија, Западна Германија, Италија, Луксембург, Франција и Холандија го потпишаа Парискиот договор за формирање на Европската заедница за јаглен и челик, како прва наднационална заедница во Европа, која подоцна прерасна во Европската економска заедница, а потоа и во денешната Европската Унија.