Европарламентот шокиран од нацистичкиот поздрав на Џамбаски, ќе има санкции

Џамбаски се дообјаснува, но никој во Европскиот парламент не ги купува неговите толкување. Тој уште се заканува дека ќе ги даде на суд


 

Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола ќе започне постапка за санкции против бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, кој беше снимен мавта со фашистички поздрав во салата на парламентот во средата вечерта.

Европратениците од целиот политички систем беа шокирани од постапката на Џамбаски и реагираа со бес на неговиот гест додека одеше по скалите на хемициклот во Стразбур. Претседателот на ЕПП, Манфред Вебер, рече дека употребата на „поздравот на Хитлер“ е „спротивно од она за што се залага Европскиот парламент“. „Групата на ЕПП го осудува со најтешки можни зборови“, напиша Вебер на Твитер.

Овој инцидент на Џамбаски се случи за време на дебатата за владеењето на правото во ЕУ веднаш по конечната одлука на Судот на правдата на ЕУ во Луксембург, кој ги отфрли обидите на Унгарија и Полска да го блокираат поврзувањето на пристапот до фондовите на ЕУ со почитување на демократијата и владеењето на правото.

Одлуката на судот Џамбаски ја нарече одвратна, и во дебатата и потоа на Твитер.

„Денешната пресуда на ЕСП е одвратна. Не постои здрав човек кој мисли дека Унгарија или Полска немаат функционално владеење на правото. Наместо тоа, го користите како камшик против националните држави што ги презирате. Да живеат националните држави во Европа!“, напиша тој на Твитер.

Ангел Џамбаски е член на бугарското ВМРО. Изминатиов викенд тој беше избран за еден од тројцата копретседатели на ВМРО по оставката на Красимир Каракачанов. Неговото однесување во Европскиот парламент многу често е на работ на скандал. Тој е еден од најголемите негатори на македонската посебност, јазик, идентитет и историја. За време на кампањата на изборите минатата гопдина во Бугарија тој промовираше видео спотови на кои Охрид беше претставен како бугарски град. Тој е еден од двајцата европратеници на ВМРО.

Џамбаски ги негира сите обвиненија. Во е-пошта до неговите колеги европратеници со наслов „мало недоразбирање“, Џамбаски ги обвини за „клевета и навреда“, тврдејќи дека неговиот знак со рака – за кој има прилично јасни снимки – е само мавтање за збогум. Еве ја неговата верзија за настаните: „Бев на хемициклот додека го завршував својот говор, во кој мора да се признае  кажав нешто со кое многумина од вас не се согласуваат, провоцирајќи ве. Додека го напуштав хемициклот, сакав да се извинам со понизно мафтање кон претседавачот“.

Инцидентот се случи по интервенција на Џамбаски за време на дебатата за владеењето на правото во парламентот, по одлуката од средата на највисокиот суд на ЕУ да ѝ дозволи на Комисијата да ги скрати средствата за земјите што ги прекршуваат стандардите на владеењето на правото. Осудувајќи ја пресудата, Џамбаски рече дека таа нема „никаква врска со правото и владеењето на правото“, туку со „омраза кон националните држави“. Тој ја обвини ЕУ дека се обидува да ги „засрами“ Унгарија и Полска, изјавувајќи: „Да живеат Орбан, Фидес, Качињски, Бугарија и нашата национална држава. Да живее Европа, Европа на народите“.

Но, претседателката Мецола не ги купува овие објаснувања на Џамбаски. „За мене е неприфатлив фашистички поздрав во Европскиот парламент – овде и секаде“, рече таа на Твитер. „Џамбаски го навреди секого во Европа со тоа. Ние се залагаме за спротивното. Ние сме дом на демократијата. Тој гест е дел од најтемниот дел од историјата и мора да остане таму. Неприфатливо“.

Потпретседателката на парламентот Пина Пичерно ја водеше дебатата во моментот на инцидентот. Таа објасни дека институцијата ќе ги користи видео снимките за да провери „дали имало фашистички поздрав или не“. Доколку е така, ќе бидат преземени санкции.

Деловникот за работа на Европскиот парламент наведува дека европратениците мора да се воздржат од „секакво несоодветно однесување“ и „секаков навредлив јазик“. Прекршувањето на овие правила може да резултира со, меѓу другото, забрана за учество во парламентарни активности или одземање на паричните надоместоци.

Германски „Шпигел“ известувајќи за настанот напиша: „Во Парламентот на ЕУ се расправаше за владеењето на правото во Полска и Унгарија, кога на говорница застана националистички пратеник од Бугарија. Кога си замина, ја крена десната рака – критиките беа огромни“.

Ангел Џамбаски денеска за бугарската „Нова њуз“ изјави дека по увидот ќе му должат извинување, бидејќи во спротивно ќе ги даде на суд. „Ова е глупост, овие луѓе немаат за што да се фатат и препознаваат духови и гестови таму каде што ги нема. Се расправавме во салата, јас го кажав своето мислење во одбрана на Полска и Унгарија. На излегување слушнав дека претседавачката Пина Пичерно повика да се исклучат микрофоните, а јас замавнав дека ја слушнав и прифатив што рече“, рече Џамбаски.

Овој инцидент не му е прв на Ангел Џамбаски. Во 2019 година тој имаше ксенофобични и навредливи коментари за двајца свои колеги за време на расправата за правата на камионџиите. Тој тогаш ја нарече француската европратеничка Карима Дели „Французинка со алжирско потекло“, а германскиот европратеник Исмаил Ертуг „Германец со турско потекло“. Тогаш Џамбаски издаде некој вид извинување.

Од неговата партија ВМРО досега нема никаква реакција. (Н.В.)