Европарламентот го усвои Извештајот за Македонија заедно со контроверзните амандмани
Извештајот е усвоен со огромно мнозинство од 508 гласа „за“ и 56 „против“
БРИСЕЛ – Европските парламентарци попладнево со 508 гласа „за“ и 56 „против“ го усвоија Извештајот за напредокот на Северна Македонија на известувачот на Европскиот парламент, бугарскиот европратеник Илхан Ќучук, усвојувајќи притоа и некои од контроверзните амандмани.
Извештајот го поздравува реформскиот напредок на земјата и инсистира на имплементација на Договорот за добрососедство со Бугарија.
Европратениците ги одобрија спорните амандмани 75б, 79 и 80, за кои предупреди Институтот за европска политика (ЕПИ) дека претставуваат поткопување на основните стандарди вредности на ЕУ.
Амандманот 75б се однесува на историското помирување и „заедничка историја“, со што според ЕПИ, Европскиот парламент го одобрува притисокот што го врши Бугарија за да се толкува историјата на нивен начин.
Амандманот 79, кој исто така е усвоен, се оценува како притисок врз заедничката Комисија за, историски и образовни прашања, која треба да работи независно и без никакви политички притисоци.
Конечно амандманот 80 се коси со проценката на Европската комисија, бидејќи гласи оти нема напредок во имплементацијата на Договорот за пријателство меѓу Македонија и Бугарија од 2017, што не е став на Европската комисија во нејзиниот последен извештај во 2021, предупреди ЕПИ.
Освен тоа неколку европратеници од бугарската националистичката партија ВМРО во текот на расправата пред гласањето ја нареко Северна Македонија „геноцидна кон Бугарите“.
Европратеникот Андреј Слабаков дури оцени дека без бараните бугарски промени, членството на Северна Македонија е рамно на „тумор за ЕУ“. (МИА)