Европарламентарците ја потврдија мини-реконструкцијата на Европската комисија

Европскиот парламент на пленарната седница во Брисел ја потврди мини-реконструкцијата на составот на Европската комисија поради заминувањето на ирскиот комесар Фил Хоган.

Комесарот за трговија Хоган беше принуден да поднесе оставка на крајот на август поради кршење на епидемиолошките мерки што се во сила во Ирска, воведени за борба против коронавирусот.

Неговиот ресор – трговија е доделен на извршиот потпретседател Валдис Домбровскис, а Ирска ја испрати Мајрид Мекгинис, сегашна потпретседателка на Европскиот парламент, како замена за Хоган. Мекгинис е назначена за комесар за финансиска стабилност и пазари на капитал.

Ресорот трговија е едно од најважните во Европската комисија. Како што оценуваат медиумите, пред Домбровскис е тешка задача, меѓу другото, затоа што ќе мора да работи на намалување на тензиите со САД и да се справи со идните односи со Велика Британија.