Европарламентарците изгласаа препораки за проширувањето кон Западен Балкан


Членовите на Комитетот за надворешни работи при ЕП со силно мнозинство го изгласаа извештајот во кој се содржани препораките на Европскиот парламент за проширување на Западен Балкан за време на онлајн средбата на Комитетот што се одржа денеска.

Денешниот извештај беше усвоен по ревидирањето на методологија за проширување која беше објавена од Европската Комисија во февруари. Ова се очекува да даде нов импулс, предвидливост и динамичност во процесот на проширување, како и доверба на земји-членки дека нивните грижи се земени во предвид.

„Нашата група, Renew Europe силно верува дека проширувањето на ЕУ кон Западен Балкан треба да е успешна приказна. Реформата на ЕУ и потрагата по унапредување на патот кон иднината може и треба да оди заедно со процесот на проширување. Оваа препорака испраќа јасна поддршка за европската перспектива на земјите од Западен Балкан. Особено сега, кога Европа и светот се соочуваат со ограничувања поради невидената криза на пандемијата на коронавирус, ја покажуваме нашата отвореност кон регионот. Нашата цел е да обезбедиме дека засилената методологија поставува јасни и попредвидливи правила и критериуми и ги применува доследно, и дека ова води кон полноправно членство во ЕУ како крајна цел.

Со одобрување на ревидираната методологија и со поддршка на одлуката на Советот за отворање преговори за пристапување и со Албанија и со Северна Македонија, Европскиот парламент уште еднаш ја покажа својата посветеност на регионот“, изјави, Илхан Ќучук, постојан известувач за Северна Македонија и заменик координатор за надворешни работи на групата „Renew Europe“.

ЕП ја потенцира потребата за подобрување на кохерентноста помеѓу процесот на проширување и политичките случувања во ЕУ, да се поттикне постепено учество во програмите на ЕУ пред пристапувањето и да се вклучат земјите членки во Конференцијата за иднината на Европа.