Европарламентарците го нокаутираа Јорданов, му порачаа за историјата да разговара на билатерално ниво


 

Европарламентарците од Мешовитиот парламентарен комитет Македонија – ЕУ, што два дена заседаваа во нашата држава, усвоија завршни заклучоци со кои побараа „да се исклучат културно-историските прашања од преговарачкиот процес и тие да се решаваат на билатерално ниво“.

Уште повеќе, европарламентарците препорачаа процесот на пристапување да не се злоупотребува за решавање на билатерални спорови, иако ги поддржаа тековните состаноци меѓу Македонија и Бугарија заради натамошна имплементација на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка кој, според нив, треба да продолжи да се спроведува „доследно и со добра волја од двете страни“.

Со тоа тие го нокаутира симболички Александар Јорданов, бугарскиот европарламентарец и член на Мешовитиот комитет од страна на коалицијата ГЕРБ-СДС, кој вчера направи скандал во македонскиот парламент, држејќи час по историја и кажувајќи чии биле Гоце Делчев и браќата Миладиновци. Наспроти неговите негирања, во заклучоците се споменува и договорот со ФРОНТЕКС и  „неговото потпишување на македонски јазик без фусноти или дополнувања, на еднакво рамниште заедно со 24-те официјални јазици на Европската унија“.

Иако заклучоците не се обврзувачки за Советот на ЕУ, тие ја одразуваат климата во Брисел и расположението во земјите, надвор од Бугарија. 

Генерално, европарламентарците ги повикаа политичките партии на конструктивен дијалог и „намалување на поделбите врз партиска основа“, со порака дека се потребни натамошни чекори „за да се продолжи со преговарачкиот процес и да се искористат придобивките од
актуелниот моментум во процесот на проширување“. 

Во однос на судскиот систем тие оценија дека останува клучно тој да стане независен,
професионален, транспарентен и непристрасен и ја охрабрија Владата да продолжи со предвидените реформи надоврзувајќи се на веќе постигнатиот напредок, но и „да ги  засили истрагите, гонењето и конечните пресуди во случаите на корупција, вклучително и на високо ниво“.

Во заклучоците се поздравува напредокот за 52 места од пред две години во извештајот
на Репортери без граници, според кој земјата е највисоко рангирана од сите земји во
регионот, што се смета за  добра основа за понатамошно унапредување на условите за работа на новинарите.

Европарламентарците исто така бараат изборните реформи да се спроведат навремено, на транспарентен и инклузивен начин и да ги адресираат преостанатите препораки на ОБСЕ, ОДИХР и на Венецијанската комисија, вклучително и реформите поврзани со транспарентноста во финансирањето на политичките партии. Во тие рамки се бара и обновување на дијалогот Жан Моне кој е заглавен од 2020 година, а треба да резултира со измени на собранискиот Деловник , што ќе оневозможи законодавниот дом да има блокади како досега. 

Во заклучоците се поздравува, на крајот, фактот што првпат минатата година Државниот завод за статистика пратил  податоци во Еуростат, вклучително и  табели на расходи за заштита на животната средина (ЕПЕА) и  пресметки за емисии во воздухот и проток на физичка енергија. Притоа се посочува „извонредно составувањето на табелите за еколошките трошоци на Владата“.