Европа во Давос, Македонија во Вашингтон
Дали поради отсуство на покана или поради големата желба да се биде на инаугурацијата на Доналд Трамп, македонските власти избраа да се исклучат од Европа
Светскиот економски форум во Давос, еден од најзначајните глобални настани што секоја година традиционално се одржува во јануари во познатиот швајцарски туристички центар, годинава беше заобиколен од македонски претставници. Дали поради отсуство на покана, или пак, поради определување други приоритети и желбата да се биде блиску до планетарниот настан број еден – инаугурацијата на новиот американски претседател, Доналд Трамп, изборот падна на Вашингтон, а не на Давос, каде што беше собрана европската политичка елита.
Дали „заобиколувањето“ на самитот во Давос (доколку имало покана за учество, а ако немало сигурно може да се издејствува) е оправдано, и дали вратата на ЕУ може полесно да се отклучи преку Вашингтон, наместо преку Брисел и другите европски престолнини, допрва ќе се анализира, но факт е дека по неколкугодишно присуство на ниво на претседател или премиер на СЕФ, годинава такво нешто не се случи.
Од Владата не добивме одговор на прашањето на „Независен“, дали годинава некој од Македонија присуствува на форумот во Давос.
Официјален Вашингтон најави тектонски промени во глобалните политички и економски случувања. Што ќе значи тоа за светот, а особено за Европа, е во фокусот на дебатите на присутните над 300 светски лидери на форумот во Давос. Македонија нема голема трговска размена со САД, но има со ЕУ, а особено со Германија, кои сега се „тресат“ од најавените мерки на Трамп за воведување царини, кои посредно сериозно ќе ја засегнат и македонската економија.
Во Давос овие неколку дена (од 20 до 24 јануари) ќе продефилираат речиси 3.000 присутни од над 130 земји. Учесниците вклучуваат над 50 шефови на држави и влади и стотици други врвни владини лидери. Собирот доаѓа кога неизвесноста се наѕира во меѓународниот систем, со новите лидери кои доаѓаат на функција и конфликти во повеќе региони. Во Давос, светските лидери, како и врвните гласови на приватниот сектор и водечките експерти на граѓанското општество се состануваат за да поттикнат дијалог и да катализираат трајни решенија за заедничките предизвици, се вели во официјалната најава за настанот, кој годинава е под мотото „Соработка за интелигентно доба“. На самитот се обратија, или се очекува да се обратат многу светски лидери – вклучително и претседателот на САД, Доналд Трамп, преку видео врска, а тука се и вицепремиерот на Кина, Динг Шеуешијанг, германскиот канцелар Олаф Шолц, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен и претседателот на Аргентина Хавиер Милеи…
Претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен го изложи планот на ЕУ за одбрана, енергија, трговија и технологија во она што таа го нарече „нова ера на сурова геостратешка конкуренција“. Во нејзиниот говор Фон дер Лајен му испрати не толку суптилна порака на Доналд Трамп: ЕУ е економска суперсила заснована на правила, со атрактивен пазар и имаме други опции ако почнете да играте гадно. Контекстот можеби беше заканата од трговска војна што ја започна Трамп.. Фон дер Лајен се трудеше да покаже колку се добри другите делови од светот со Европа, наведувајќи го трговскиот напредок со Швајцарија, Малезија, Мексико и Меркосур.
Денеска главна тема на форумот беше исклучително важна за нашата земја, а се однесува на процесот на евроинтеграции, каде што учествуваше еврокомесарката за проширување Марта Кос. Таа рече дека „ЕУ е заедница која за многу земји е место каде сакаат да припаѓаат, но има и многу автократски системи или земји кои би сакале Европа да пропадне и наша одговорност е тоа да не го дозволиме“, како и дека процесот на пристапување во ЕУ е трансформативен процес во кој преку постепена интеграција им се овозможува на кандидатите да бидат дел од единствениот пазар.
На дебатата учествуваа и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, како и црногорскиот премиер Милојко Спаиќ. Пленковиќ ја посочи трансформативна моќ на ЕУ, што се гледа и на примерот на Хрватска која за деветте години од неговата влада, од 62 отсто од просекот на ЕУ се искачи на 78 отсто, а Спаиќ дека има тешки моменти во пристапниот процес кога треба да се спроведат тешки реформи, кои граѓаните не секогаш ги разбираат.
Македонија, годинава, меѓутоа, намерно или не, ја пропушти можноста да ги изложи своите ставови во однос на проширувањето, но и за предизвиците што претстојат како мала и отворена економија, на еден многу важен собир, но и да види од прва рака кои се размислувањата на други држави за теми од животно економско значење.
Во Давос е и српскиот претседател Александар Вучиќ, кои и покрај проблемите што ги има дома најде време да присуствува на Светскиот економски форум и од таму да изјави дека се сретнал со повеќе бизнисмени и претставници на компании, меѓу кои и директор на голема банка.
„Главната тема овде беше Доналд Трамп, тоа ќе биде клучната вест во наредниот период. Денеска беше добар ден и разговаравме со многу бизнисмени, меѓу кои и шефовите на Банка Интеса. Тие се подготвуваат да пристигнат во Белград во наредните денови “, изјави Вучиќ.
Давос, инаку, е местото кое е исклучително важно за поновата македонска историја. Таму, во 2018 година беше тогашниот премиер Зоран Заев, а неговата средба со грчкиот колега Алексис Ципрас беше вовед во идниот договор меѓу Македонија и Грција што ги отвори вратите за членство во НАТО. Посетата на Заев беше прво учество на претставник на македонскиот државен врв на престижниот настан по цела една и пол деценија „пауза“. Македонија претходно последен пат беше застапена во Давос во 2003 година, со тогашниот претседател Борис Трајковски.
Заев на пример, покрај билатералната средба со Ципрас, присуството во Давос му овозможи и средби со зетот на Трамп, Џаред Кушнер, тогашниот советник на претседателот Трамп, потоа со Ерик Шмит, директорот на Алфабет, со министерот за економски развој на Русија, Максим Орешки, со тогашната директорката на СБ, Кристалина ГеорГиева…
Една година подоцна, во 2019, Македонија имаше тројца претставници во Давос, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.
Лани и преклани, пак, во Давос беше претседателот Стево Пендаровски кој говореше на панел сесии. Преклани на сесијата „Во одбрана на Европа“ на која говореа и претседателите на Полска, Анджеј Дуда и на Литванија, Гитанас Науседа, а лани на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“, потоа на неформалниот собир на светски економски лидери „Враќање на вербата во глобалниот систем“ и на официјалната вечера „Градење на Европа на утрешнината“.
Инаку, годинава основачот и претседател на Одборот на директори на Светскиот економски форум, Клаус Шваб, на отворањето предупреди на „критичните предизвици“ со кои се соочува светот денес, како што се вооружените конфликти, екстремните временски појави, дезинформациите, и растечките поделби во општествата и државите.
Европските деловни лидери во вторникот предупредија дека регионот ризикува да заостане зад своите американски и азиски конкуренти доколку не успее да иновира и да се прилагоди на светот кој брзо се менува, кој се очекува да забележи забрзани промени во глобалната политика за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп.
Но, можеби овие повици за нашите претставници и не се толку важни, важно беше да се оди на еден вид студиско патување во Америка на спектаклот наречене инаугурација на Трамп, на која, всушност, и не беа.