Европа се снабдува со нуклеарно оружје?


Францускиот претседател Емануел Макрон ја изрази својата подготвеност да започне разговори за европската нуклеарна одбрана, сугерирајќи дека Франција би можела да помогне во заштитата на другите земји од Европската унија со оглед на безбедносните закани што ги носи Русија.

Во интервју за португалската телевизија РТП, Макрон рече дека „ако Европа сака да се стреми кон поголема автономија во прашањата за одбраната и нуклеарната заштита, нејзините лидери треба да започнат дискусија за тоа“.

“Јас сум подготвен”
„Подготвен сум да ја отворам оваа дискусија… доколку тоа дозволи градење на европските сили“, рече Макрон.

„Отсекогаш постоела европска димензија на виталните интереси на Франција во рамките на нејзината нуклеарна доктрина“, додаде тој.

По излегувањето на Обединетото Кралство од Европската унија, Франција е единствената земја членка на ЕУ која поседува нуклеарно оружје. Овој факт станува сè поважен во светлината на актуелните безбедносни закани од Русија.

За потсетување, европските лидери ќе се сретнат утре во Лондон за да разговараат за мировниот план за Украина, а во четврток ќе учествуваат на самитот на Европската унија.

Овие состаноци доаѓаат по неодамнешниот судир меѓу американскиот претседател Доналд Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа, што предизвика загриженост за идната американска поддршка за Украина. Европските лидери изразија силна поддршка за Украина по кавгата во Белата куќа.