Европа промовира „живи лаборатории“, а кај нас е уште ниско нивото на основните земјоделски практики


Емисијата на стакленички гасови од еден хектар оризово поле кое се одгледува под вода, е приближно колку едно возило кое поминува 100.000 километри. Ако во Кочани има 3 500 хектари површина под ориз, може да заклучиме дека овој град двојно повеќе загадува со производството на оризот, отколку со возилата кои ги користат неговите жители. Преку овој пример, директорот на Земјоделскиот институт Виктор Ѓамовски денеска, пред учесниците на настанот „Проект NATI00NS – Мисија Договор за почвата за Европа“, укажа дека во земјава се уште многу малку се води сметка за примената на одржливите практики во агро секторот.

Одговорноста, оцени Ѓамовски, е кај институциите, а не кај земјоделците. Имаме, рече, одлични документи, и закони и извештаи, се е добро срочено на хартија, но не е имплементирано.

На настанот фокус беше почвата која и Европа ја стави меѓу еден од врвните приоритети до 2030 година. Како што нагласија учесниците, во земјава главни проблеми се „еко жешките“ точки во постиндустриските зони од Југославија кои ги има низ цела држава (огромни површини почви загадени со токсични материи за кои се уште нема решение), бетонизацијата, посебно во Скопје, но и во другите градови, како и прекумерната употреба на пестицидите и вештачките ѓубрива.

 

-Со одржливите практики сме на многу ниско ниво. Имаме проблем со организација на основното земјоделско производство кое треба да има донесе профит на земјоделците, зашто не постои одржливост без профит. За критика е и тоа што институционално ги занемаруваме одржливите практики и сето тоа е префрлено на граѓанскиот сектор, на заедницата воопшто, како нешто што е дел од екологијата. Но, еден од загадувачите е емисијата на стакленички гасови во земјоделството, посебно при одгледувањето на оризот постајано под водна површина. Таквиот начин на производство е главен причинител за емисија на метан. Значи, освен од сточарството, емисијата на метан доаѓа и од оризовите полиња, нагласи директорот.

Според него, по ова прашање, за жал, се уште не правиме нешто, а светот прави – имплементира современи технологии кои овозможуваат до 30 отсто намалување на емисијата на метан.

-Една од мерките за намалување на емисијата е производство на ориз со повремено одводнување и наводнување, но кај нас е прашање колку може да се примени, зашто инфраструктурно не сме подготвени за такво нешто, што, пак, не значи дека институционално не можеме да се вложиме во тоа и да го направиме. Не можеме да очекуваме земјоделците да бидат свесни, на сите маки што ги имаат – да произведат и да заработат, последно им е да се грижат за одржлива практика од еколошки аспeкт. Тука главна улога треба да си земе државата – надлежните министерства, со правилна стратегија и правилно менаџирање, потенцира Ѓамовски.

Во воведното обраќање тој потсети и дека земјава се уште се соочува со проблемот на одржливо искористување на почвените ресурси, а без оджливи практики за управување со почвата, ризикуваме, како што истакна, да ја загрозиме безбедноста на храната, биодиверзитетот и стабилноста на животната средина. Овој скапоцен и единствен ресурс, додаде, не е обновлив и се соочува со невидени предизвици – климатски промени, уништување на шумите и интензивното индустриско произодство.

-Нашите почви се соочуваат со предизвици без преседан – ерозија, деградација, губење на биолошката разновидност и контаминација. Но, постојат алатки кои пружаат огромна можност за усвојување практики за одржливо управување со почвите, за нивно ревитализирање. Покровните култури, ротацијата на култури, намалената обработка и органските ѓубрива, може да ја подобрат структурата на почвата и нејзината плодност. Овие практики може да придонесат и за ублажување на негативните влијанија на климатските промени со конзервација на јаглеродот и подобрување на водниот режим, рече Ѓамовски.

Тој смета дека одржливото управување со почвата бара колективна акција, соработка на сите страни – земјоделци, наука, институции, бизнис, вклученост на целата заедница, заедничко промовирање политики и стратегии, како и на нивна практична примена.

-Здравјето на почвата е поврзано со здравјето на Планетата и на сите нејзини жители. Со грижа за почвата всушност ја чуваме нашата иднина, обезбедуваме одржлив свет за генерациите што доаѓаат. Да ги задоволиме сегашните потреби без да ја загрозиме сособноста и идните генерации да ги задоволат своите потреби, порача директорот на Земјоделскиот институт.

Најновите истражувања покажуваат дека околу 60 отсто од сите видови живи организми, вклучувајќи габи, бактерии, цицачи, растенија, може да се најдат во почвата, што го прави овој медиум најбогато живеалиште на Планетата.

-Почвата игра фундаментална улога во одржувањето на живиот свет. Вкупно 95 отсто од храната што секојдневно ја консумираме зависи од почвата, почвата е вид филтер за подземните води, ги прочистува, преработувајќи ги штетните материи. Почвата ја нарекуваат бубрег или црн дроб на Земјата зашто овозможува биохемиски процеси споредливи од аспект на важноста со оние што ги вршат овие два клучни органа. Почвата игра многу значајна улога во ублажувањето на климатските промени. Здравата почва има капацитет да задржува вода во себе и влажност која потоа, во сушни периоди, растенијата може да ја користат во одреден временски период и за време на поплави има капацитет да апсорбира одредена количина на вода. Почвата се соочува со многу предизвици. На европско ниво се смета дека две третини од почвите не се здрави (почви кои не можат континуирано да ја задоволат потребата за да обебзедат храна, вода, гориво од дрвата,…), беше речено на настанот.

Т.н. живи лаборатории или „светилници на знаење“ се експериментални места низ Европа, кои се однесуваат на различни сфери – земјоделство, здравството, екологијата, локалната самоуправа, сообраќајот, енергетиката, обновливите извори, соларните панели,… Се обидуваат да ги решат проблемите на граѓаните преку поврзување на науката, индустријата и крајните корисници, во соработка со владите и носителите на одлуки.

Милица Трајковиќ од „BioSense“ Институтот од Нови Сад информира дека ЕУ обезбедува финансиска поддршка за овие „живи лаборатории“. Моментно се на располагање два повика вредни 36 милиони евра кои треба да се поделат во три проекта од по 12 милиони евра. -Минатата година имаше слични вакви повици, но немавме ниту еден конзорциум од Балканот. Затоа сакаме да ги промовираме овие повици и да ги поддржиме сите заинтересирани за овие проекти зашто резултатите може да бидат многу корисни, рече Трајковиќ.

 

Во земјава засега нема ниту една „жива лабораторија“, а во Србија има три. Трендот на „живите лаборатории“ почна во 2007 година.

Според Марија Ѓошева Ковачевиќ од Земјоделскиот институт, „живите лаборатории“ се повеќе од потребни за нашиот земјоделски сектор.

-Нивото на одржливите земјоделски практики кај нас е многу ниско. Тоа зависи од многу фактори: економска исплатливост, возрасна структура на земјоделците, тешко излегување од шаблонот, тешко напуштање на навиките и традицијата, тешко прифаќање нови техноогии,… Нашите земјоделци, на пример, немаат практика да го испитуваат квалитетот на почвата и врз основа на соодветните препораки да го адаптираат начинот на ѓубрење, користењето пестициди, палењето стрништа,.., објасни Ѓошева Ковачевиќ.

Настанот „Проект NATI00NS – Мисија Договор за почвата за Европа“ се одржува во сите европски земји, а целта е информирање за почвата на Европа. Кај нас се одржува втор пат.