Европа после Брегзит и Ковид-19 – главни теми на Бледскиот стратешки форум

Европа после Брегзит и пандемијата на Ковид-19 се темите на главниот панел на овогодинешниот Бледски стратешки форум (БСФ), кој денеска се одржува во Словенија и ќе трае само еден ден поради актуелната пандемија.

Словенечкиот премиер Јанез Јанша се обрати на присутните на Форум и, меѓу другото рече дека следната година ќе биде период на Брегзит и оти е неопходно да се најде баланс на моќта. – Исто така, ќе се соочиме со економските последици од коронавирусот, но за среќа, на добри основи благодарејќи на договорот кој Европскиот совет го усвои во јули.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, при пристигнувањето на Форумот оцени дека на почетокот немало солидарност во ЕУ и оти државите не биле подготвени за пандемијата. Според словенечкиот портал Демокрација, српскиот претседател Александар Вучиќ побарал повеќе почит од ЕУ.

Порталот ја пренесува изјавата и на чешкиот премиер Андреј Бабиш, кој на почетокот оцени дека безбедноста е најважна. – Неопходно е да ги примиме што е можно поскоро Романија, Бугарија и Србија во Шенген зоната.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ потенцираше дека поради пандемијата, од 10 март претседателството на ЕУ функционирало виртуелно и оти недостасуваат лице в лице средби со другите лидери.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан, пред почетокот на официјалната дискусија, оцени дека ЕУ е во проблеми бидејќи не ја препознала својата позиција во светската економија. – Сега, на граѓаните на ЕУ им е тешко да сфатат дека веќе не сме лидери. Сега, тоа се САД и Кина, смета Орбан.

Полскиот премиер Матеус Маравецки се осврна на иницијативата Три мориња, посочувајќи дека тоа не значи дека се против други држави, пренесува „Демокрација“.

На средбата се присутни и претседателката на ММФ Кристалина Георгиева и претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах.

Бледскиот стратешки форум годинава, поради пандемијата на Ковид-19, се одвива во посебни услови и е со скусена програма, и во комбинација меѓу физичко присуство на учесниците и настапи преку видео-конференција.