Европа нема да ја преживее зимата без руски гас, тврди директорот на „Гаспром“
Шефот на рускиот државен монопол за гас, „Гаспром“, ја предупреди Европа за последиците од откажувањето од рускиот гас, велејќи дека нема „гаранција“ дека Европа ќе ја преживее зимата врз основа на нејзиниот сегашен капацитет за складирање гас.
Говорејќи на конференцијата „Руска енергетска недела“ во Москва, Алексеј Милер рече дека гасот во подземните складишта на Германија ќе биде доволен за два до два и пол месеци.
Милер, исто така, рече дека поправката на оштетените гасоводи „Северен тек“ ќе трае најмалку една година и дека на Русија сè уште не и е дозволен пристап до областа каде има оштетувања.
Германија и ЕУ „треба да одговорат“ доколку се заинтересирани за обновување на гасоводот, рече тој.
На истата конференција претседателот Владимир Путин изјави дека Русија е подготвена да продолжи со испораките на гас преку една врска од гасоводот „Северен тек 2“ што останува во функција. Топката е на теренот на ЕУ за тоа дали сака гасот да доаѓа преку гасоводот, рече тој.
Путин рече:
„Русија е подготвена да започне со такви испораки. Топката е во теренот на ЕУ. Ако сакаат, можат само да ги отворат вентилите“.
Тој нагласи дека Русија нема никаква врска со небесно високите цени на енергијата со кои се соочуваат Европејците оваа зима и го обвини Западот за поттикнување на глобалната енергетска криза. „Најсиромашните земји ќе платат највисока цена во однос на зголемените трошоци за енергија“, додаде Путин.