Европа не може да си дозволи да ги намали климатските амбиции, предупредува директорката на Европската агенција за животна средина
Брисел – Европа не може да си дозволи да ги намалува или одложува амбициите во областа на климатските промени, животната средина и одржливоста, изјави извршната директорка на Европската агенција за животна средина (ЕАОС), Лена Јуља-Мононен, во интервју за „Јуроп њузрум“ објавено денеска.
Екстремните временски појави ова лето јасно ги покажаа последиците од климатските промени во Европа, посочи таа. Топлотните бранови, пожарите и сушите ги погодија земјоделството, транспортот и енергетската инфраструктура, додека ниските нивоа на Рајна и Дунав го отежнаа речниот сообраќај.
Според податоците на ЕАОС, екстремните временски и климатски појави предизвикале економски загуби од околу 822 милијарди евра во ЕУ во периодот од 1980 до 2024 година, при што една четвртина од нив се регистрирани само во периодот од 2021 до 2024 година. Овие податоци се потврдени и со најновите проценки на агенцијата.
– Отпорноста веќе не е нешто што е добро да го имаме кога имаме време, туку итна потреба – нагласи Јуља-Мононен.
Според неа, сите земји од ЕУ веќе имаат национални политики за адаптација кон климатските промени, но спроведувањето на конкретните мерки значително заостанува зад зголемувањето на ризиците поради проблеми со координацијата, финансирањето и недостигот на технички и човечки капацитети.
Според Јуља-Мононен, Европа истовремено треба да ја забрза адаптацијата кон последиците од климатските промени и да продолжи да ги намалува емисиите на стакленички гасови.
Таа посочи дека континентот се загрева околу двапати побрзо од остатокот од светот и предупреди дека негирањето на врската меѓу емисиите предизвикани од човековата активност и климатските промени значи игнорирање на научните податоци.