Европа ќе мора да троши 20 отсто помалку гас ако сака да „преживее“ зимава
Откако ги повика сите земји-членки да ја намалат потрошувачката на гас за 15% во услови на закана од целосно прекинување на рускиот гас, Меѓународната агенција за енергија -порача дека Европската унија ќе треба да намали уште повеќе за да ја преброди зимата.
„Дури и да нема ниту една несреќа, Европа сè уште треба да ја намали потрошувачката на гас за околу 20% во споредба со денес за да има безбедни и нормални зимски месеци“, рече шефот на ИЕА, Фатих Бирол, издавајќи како што рече, „црвен аларм“ за енергетските пазари.
Краткорочниот проблем со гасоводот Северен тек 1 можеби е решен, изјави Бирол за Си-Ен-Ен, но „премногу е рано да се биде среќен поради ова“. Износот што Европа го добива сега од Русија е само околу една третина од она што го добиваше претходно, а според шефот на ИЕА тој намален проток „може да се намали во секое време“.
По 10-дневна пауза за редовно одржување, протокот на руски гас преку Северен тек продолжи во четвртокот наутро со капацитет од 40% , односно нивото од пред одржувањето откако Русија го намали протокот во средината на јуни. Протоците рано во четвртокот беа околу 21,5 GWh, во споредба со 30 GWh пред почетокот на одржувањето на 11-ти јули и во споредба со 70 GWh пред Русија да го намали снабдувањето за 60 отсто на 13-ти јуни.
Во средата, Европската комисија ги откри мерките за блокот да го зачува гасот и за да го спречи прекинот на Русија, барајќи од земјите-членки да ја намалат потрошувачката за 15 отсто до следната пролет. Според Бирол, ова нема да биде доволно за да се обезбеди мирна зима за Европа и нема алтернатива за намалувањето на потрошувачката.
Дури и ако се претпостави дека сегашниот проток на рускиот гас ќе се одржува и имајќи го предвид целиот ЛНГ што Европа го добива од САД и од други места, плус други извори на природен гас, па дури и ако нема несреќи што го попречуваат снабдувањето, Европа сепак треба да намали повеќе, почнувајќи од сега, рече Бирол. Според него, нема доволно гас низ светот на кој Европа може да се потпре, така што нема друг избор освен да се намали потрошувачката за да се избегне недостиг и рационализирање оваа зима. Ако блокот почека и не усвои координиран метод, откако ќе влеземе во зимските месеци, мерките ќе бидат „подрастични“, предупреди тој.
Бирол ја повикува Европа да развие план за итни случаи, истакнувајќи дека Германија е најранлива, а потоа следат Италија и некои источноевропски земји.