Европа го „укинува“ ноќниот живот за да избегне карантин – може ли да успее ваквата стратегија


Според податоците на Светската здравствена организација, Европа сега бележи повеќе случаи на инфекции со корона вирусот отколку САД, Бразил и Индија. Многу влади почнаа да ги затвораат баровите и кафулињата или да им го ограничуваат работното време со цел да избегнат карантин, но прашање е дали оваа стратегија може да успее, пишува Си-eн-eн.

Владите ширум Европа се обидуваат да најдат рамнотежа помеѓу ограничувањата и заживувањата на деловните активности, а баровите, ноќните клубови и рестораните се првите кандидати на списокот за затворање бидејќи овие места се многу погодни за ширење на корона вирусот.

Повеќето локални жаришта на епидемијата се случија во затворени простории каде што имаше многу луѓе кои имаа продолжен контакт.

ГЕРМАНИЈА

Во Берлин, град познат по својот ноќен живот, баровите остануваат отворени, но новите правила, кои стапија на сила во саботата, значат дека тие ќе мора да се затворат во 23 часот, исто како и рестораните и продавниците. Собирите не смеат да бројат повеќе од пет лица од 23:00 до 06:00 часот, а на настаните во затворените простории не смеат да присуствуваат повеќе од 10. Овие мерки се очекува да останат во сила до крајот на октомври.

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан во четвртокот предупреди дека сега не е време Германија да го „спушти својот гард“.

– Ретко која земја во Европа толку добро до сега се справуваше со кризата. Но, сега не смееме да го прокоцкаме она што го постигнавме. Ситуацијата во Берлин покажува дека невнимателното однесување за време на пандемијата може брзо да ја сврти ситуацијата наопаку.

Сопственикот на два локала во Берлин, Стефан Ценов, вели дека новите ограничувања не се добредојдени. Тој верува дека полицискиот час ќе трае најмалку до март или април следната година и дека со месеци се бори со дефицитот во бизнисот.

– Обично отвораме во 20 часот во текот на летото, па работиме додека не замине последниот гостин. Со полицискиот час размислуваме да отвориме во 17 часот. Тоа е модел преземен од Австралија, но не сум сигурен дека ќе функционира во град како Берлин – изјави Ценов за Си-Ен-Ен.

Тој смета дека ограничувањата нема да успеат.

– Потребата за дружење е човечка … Мислам дека новиот закон ќе има спротивен ефект. Луѓето ќе се среќаваат приватно – вели тој.

БЕЛГИЈА

Освен Германија, другите нации имаат донесено построги мерки за балансирање на економските потреби со притисокот врз здравствениот систем. Баровите и кафулињата во белгиската престолнина Брисел во четвртокот беа затворени на еден месец, со цел да се справат со зголемувањето на бројот на заболени од корона вирусот.

Спортските клубови се исто така затворени еден месец, а потрошувачката на алкохол на јавни места е забранета во целиот регион на градот.

– Брисел сега е втората најпогодена европска престолнина помеѓу Мадрид и Париз, со 505 случаи на инфекција на 100.000 граѓани – изјавија официјални личности.

Властите одлучија на овој чекор еден ден откако беа воведени поостри ограничувања низ целата земја, која има околу 11,5 милиони жители. Белгијците сега треба да ги намалат своите социјални контакти на три лица месечно, а собирите во приватни затворени простори се ограничени на четири. Надворешните собири исто така се ограничени на четири лица, со исклучок на оние што живеат во исто домаќинство, пренесе Блиц.

Кафулињата и рестораните не можат да послужуваат повеќе од четири лица на маса и мора да бидат затворени до 23 часот. Белгискиот премиер Александар де Кро рече дека се воведени ограничувањата за да се избегне „општ карантин“ поради „многу загрижувачките“ случувања во ширењето на пандемијата.

ФРАНЦИЈА

Бидејќи бројот на заразени одеднаш скокна во соседна Франција – каде што во четвртокот беа пријавени рекордни 18.746 нови инфицирани – во вторникот, на баровите и кафулињата во главниот град Париз им беше наредено да бидат затворени две недели. Рестораните можат да останат отворени ако следат строги хигиенски мерки и социјално растојание.

Наредбата за затворање на баровитте, спортските сали и спортските клубови од саботата беше издадена за уште четири града – Лион, Гренобл, Сент Етјен и Лил. Министерот за здравство Оливие Веран рече дека нивоата на инфекција во Тулуз и Монпелје се „загрижувачки“ и дека тие градови можат да бидат следни на списокот на нови ограничувања.

Баровите во Марсеј, на медитеранскиот брег на Франција, добија наредба да затворат уште минатиот месец, потсетува Си-Ен-Ен.

ШПАНИЈА

Поостри мерки стапија на сила минатиот петок во Мадрид и околните градови. Од луѓето се бара да останат во своите домови доколку не одат на работа, на часови, медицински прегледи, да ги исполнуваат законските обврски или во екстремни околности.

Продавниците, рестораните и баровите мораат да го намалат нивниот капацитет за 50 проценти, да ја обезбедат само понудата на маса и да затворат порано. Баровите и рестораните мора да се затворат во 23 часот, а на примањето на последните клиенти е дозволено еден час пред затворањето.

ИСЛАНД

Дури и островската држава, која летово беше близу до елиминирање на вирусот од нејзината територија, забележа зголемен број инфицирани.

Во понеделникот исландските власти наредија затворање на баровите ширум земјата на две недели, а истото важи и за ноќните клубови и фитнес-центрите. Собирите се ограничени на 20 лица.

ШКОТСКА

Во борбата против зголемувањето на бројот на заразени лица, Шкотска во петокот воведе строги мерки за послужување алкохол. Пабовите, баровите, кафулињата и рестораните нема да можат да служат алкохол во затворено во наредните 16 дена, како што објави во средата премиерката Никола Старџен. Тие исто така ќе мора да ги затворат вратите во 18 часот, што не вклучува ресторани во хотелите што им служат на своите гости.

Баровите ќе можат да служат алкохол на отворено до 22:00 часот во некои делови на земјата, но во централниот дел на Шкотска – вклучувајќи ги Глазгов и Единбург – тие ќе бидат затворени од петок, освен во хотелските ресторани.

Старџен рече дека овие ограничувања треба да бидат „кратка, остра акција со цел да се запре загрижувачкото зголемување на бројот на инфекции“.

Британскиот премиер Борис Џонсон можеби ќе одлучи да воведе построги мерки низ цела Англија, особено на северот, каде има ново зголемување на бројот на заразени лица. Затворањето во 22.00 часот беше воведено минатиот месец за англиските пабови и ресторани, а забранети се собири на повеќе од шест лица.

– Суштината е да се намали бројот на контакти меѓу луѓето. Но, за мерките да бидат ефективни, тие мора да се одржуваат дури и откако луѓето ќе го напуштат пабот, а не да одат кај некого и да продолжат да пијат и да се дружат. Тие треба да си одат дома држејќи растојание за да помогнат во спречување на понатамошно ширење на вирусот – посочува д-р Џулијан Танг од Универзитетот во Лестер.

Сепак, ќе поминат три или четири недели пред да се види реалниот ефект на строгите мерки.

– Со ваквото брзо зголемување на бројот на случаи низ целата земја, овие ограничувања можеби не се доволни за да се намали понатамошното пренесување на вирусот во толку краток временски период. За жал, можеби ќе бидат потребни построги мерки“, предупреди Танг.

ЧЕШКА

Поради драматичното зголемување на бројот на заразени со КОВИД-19, што ја трансформираше во земјата со најбрзо растечка епидемија во Европа, чешките власти започнаа да размислуваат за можно повторно затворање на земјата, само неколку месеци откако беа прогласени за една од најуспешните држави во борбата против оваа заразна болест.

Нов врв од 8.618 случаи е регистриран во петокот во земјата со 10,7 милиони жители, што е повеќе од 3.000 случаи од претходниот ден и значително повеќе по глава на жител од која било друга европска земја.