Еврообврзницата ќе чека потпис од новиот министер за правда, ќе има нова аукција

Министерот за правда Никола Тупанчевски поднесе оставка без да стави потпис на задолжувањето, па затоа аукцијата ќе треба да се повтори


Фото: Б. Грданоски

Реконструкцијата на владата го искомплицира работите околу еврообврзницата, па за задолжувањето ќе биде потребна нова аукција, соопшти Министерството за финансии. За да биде валидна еврообврницата во вкупен износ од 600 милиони евра, за која пред една недела се одржа аукција, ппотребен е потпис, односно мислење од министерот за правда. Но, министерот за правда Никола Тупанчевски, поднесе оставка без да стави потпис на задолжувањето, па затоа, овој процес ќе треба да го чека изборот на нов министер за правда и да се повтори аукцијата.   

Целосната постапка за издавање на еврообврзницата ќе биде извршена по спроведување на административните процедури, кои подразбираат и мислење од новиот министер за правда, соопшти денес Министерството за финансии.

„Веднаш по изборот на новиот министер за правда ќе се одржи нова аукција. За ова банките-агенти што посредуваа при издавањето на еврообврзницата ќе ги информираат инвеститорите, кои при минатата аукција имаа 2,5 пати поголем интерес во однос на понудената сума, како резултат на довербата во добрите економски политики“, посочуваат од Министерството.

Согласно процедурата за избор на нови министри во Владата на Република Северна Македонија, Собранието на 13 февруари 2023 година прими оставки од четворица министри, меѓу кои и министерот за правда, кои се прифатени од Собранието. Законски, за издавање на еврообврзницата, потребно е мислење на министерот за правда, кој е меѓу министрите кои поднесоа оставки до Собранието, се вели во соопштението до медиумите.

Инаку, на 8-ми овој месец, Министѕерството за финансии соопшти дека е издадена деветтата еврообврзница во вредност од 600 милиони евра, со рок на враќање од четири години и со каматна стапка од 6,25 отсто, а со другите трошоци, фактичката каматга е 6,5 отсто. Со парите од обврзницата треба да се враќаат обврските по основ на стари долгови, кои доспеваат за отплата годинава. Станува збор за сервисирање на стари долгови кон надворешни кредитори, односно 594 милиони евра за главница и 138 милиона евра за камати.

Но, очигледно, процесот на реконструкција на Владата беше побрза од завршување на процесот на издавање на еврообврзницата, кој требаше да заврши на 15 овој месец, преку таканареченото поравнување.