Евролига: Соработка со НБА е можна само ако се почитуваат нашите основни принципи


Меѓународното клупско кошаркарско натпреварување Евролига објави денеска дека соработка со американската професионална кошаркарска НБА лига на подрачјето на Европа е можна само ако се почитуваат нејзините основни принципи.
Овие принципи вклучуваат сите акционери и европската кошарка како целина да имаат корист, да се зачуваат традицијата, навивачките бази и идентитетот на европската кошарка, да се подобрат натпреварувачките стандарди на европската кошарка и авторитетот за донесување одлуки да остане во Европа.
„Евролигата и нејзините клубови остануваат посветени на конструктивни дискусии со НБА и Меѓународната кошаркарска федерација (ФИБА) под услов овие основни принципи да се почитуваат во текот на целиот процес“, се додава во соопштението.
Објавата уследи два дена по состанокот на раководството на Евролигата, претставниците на клубовите од Евролигата, раководството на НБА лигата и раководството на ФИБА во Женева.
Порталот Eurohoops претходно објави дека планот е сезоната 2027/28 да биде првата во која ќе се игра натпреварувањето НБА Европа, во кое, како што наведува порталот, ќе учествуваат 16 клубови, од кои 12 ќе имаат долгорочни лиценци.