Еврокомисијата примила барање за помош од Македонија


Фото: Б. Грданоски

Белгија – Европската комисија за МИА потврди дека е примено писмо со барање за помош за справување со кризата на коронавирусот во Северна Македонија.

– Можеме да потврдиме дека комесарот Вархеји прими писмо од Владата на Северна Македонија и набргу ќе одговориме. Моментно работиме интензивно да им помогнеме на нашите партнери од Западниот Балкан да се справат со коронавирусот и да им обезбедиме поддршка за ублажување на социо-економските последици од кризата, изјави за МИА Ана Писонеро, портпаролка на комесарот за проширување Оливер Вархеји.

Според информациите на МИА, Владата на Северна Македонија вчера испратила писмо до Европската комисија во кое бара помош за ублажување на кризата, која се очекува да се влоши во наредните денови. Владата изразува задоволство што Европската Унија се мобилизира на солидарен начин и се надева дека истиот пристап ќе може да се присвои и кон земјите кандидати за членство.

Европската Унија е мета на силни критики последниве денови поради тоа што не ги вклучи земјите од Западниот Балкан во мерките за помош.

Северна Македонија нуди неколку опции за начинот на кој ЕУ би можела да и помогне на земјата да се справи со оваа кризна состојба, како на пример реалокација на одредени фондови.

Владата потсетува и дека Северна Македонија е земја учесник во Цивилниот механизам за заштита, механизам кој овозможува итна помош во случај на катастрофи и непогоди, и предупредува дека е можно во наредниот период да и биде потребна помош преку овој механизам.

Земјата, исто така, бара од Европската комисија да ја разгледа можноста да биде вклучена во механизмите за олеснување на притисокот врз малите и средни претпријатија, механизам кој е активиран за земјите членки на ЕУ.

Северна Македонија може да страда и поради одлуката на некои земји членки на ЕУ да забранат извоз на потребна опрема кон трети земји. Европската комисија ја поддржа оваа мерка на ЕУ и посочи дека третите земји ќе мораат да добиваат посебни дозволи доколку бараат увоз на опрема од земја на Унијата.

Во овој контекст, Владата на Северна Македонија бара од Европската комисија да ја ревидира оваа одлука и да ја отстрани земјата од групата држави за кои се потребни посебни авторизации.

Во Европската комисија неофицијално коментираат дека ситуацијата е тешка и во самата ЕУ, но дека се свесни оти треба да одговорат на потребите за хуманитарна помош и цивилна заштита, тука ЕК го вклучува и прашањето на репатријација на граѓаните на Северна Македонија заглавени надвор од земјата.

Што се однесува до социо-економските последици од оваа криза, Европската комисија работи на тоа да се пренасочат постоечки инвестициски програми за да им се обезбеди капитал на претпријатијата, посебно малите и средните, велат изворите на МИА во ЕК. Реалокацијата на претпристапните фондови исто така се разгледува, тврдат од Еврокомисијата и потсетуваат дека омекнувањето на правилата на ЕУ за државна помош автоматски важат и за земјите кандидати.

Изворите на МИА додаваат дека се работи и на забрзување на проект на Европскиот центар за превенција и контрола на болести за да му се помогне на здравствениот систем да одговори на предизвиците, односно подобрување на капацитети за контрола и мониторинг на заразни болести, подобрување на способностите и подготвеноста на здравствените потребни и подобрување на јавните микробиолошки лаборатории.

Сето ова за сега, меѓутоа, не се потврдува официјално од страна на Брисел, но комесарот за проширување на последната седница на Европската комисија ги презентирал иницијативите што се разгледуваат. Најважно сега ќе биде да се види одговорот на земјите членки.