Еврокомесарката Јохансон и Спасовски в среда ќе го потпишат договорот за ФРОНТЕКС


Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон на прес-конференцијата по министерската конференција Прашки процес, најави дека в среда во Скопје заедно со министерот Оливер Спасовски ќе го потпишат Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија.

-Мора да го поддржиме ФРОНТЕКС во земјите партнери од Западен Балкан, каде веќе имаме 300 мажи и жени кои овозможуваат поддршка на границите на нашите партнери од Западен Балкан, утре веќе очекуваме предлог за ново преговарање на постојниот договор, со што тој ќе може да се прошири и на границите помеѓу земјите на Западен Балкан, а во среда ќе одам во Скопје за со министерот Оливер Спасовски да го потпишеме Договорот за ФРОНТЕКС помеѓу ЕУ и Северна Македонија, што мислам дека ќе биде уште еден важен чекор напред, рече Јохансон.

Покрај ова, кажа таа, треба да ја зајакнаме поддршката кон нашите партнери од Западен Балкан околу враќањето и реадмисијата и да ја интензивираме нашата поддршка и активностите во врска со сузбивањето на криумчарите со мигранти, па се надевам, рече, дека следната недела веќе ќе можеме да зборуваме за отпочнување на оперативно партнерство против криумчарењето мигранти заедно со партнерите од Западен Балкан.

Во делот на миграциите, Јохансон се задржа на неопходноста од усогласување на политиките на визен режим помеѓу партнерските земји од Западен Балкан со оние на ЕУ за да се спречи злоупотребата на слободниот визен режим што придонесува за наплив на мигранти од Индија, Бурунди, Куба во земјите од ЕУ. 

Како министер за внатрешни работи на Северна Македонија, земја која е дел од ‘Балканската рута’ и која од почетокот на миграциската криза беше и останува транзит земја, но не и земја на потекло или земја како крајна дестинација, би сакал да истакнам дека соработката и активностите реализирани во рамки на Прашкиот процес, како и на сите процеси и платформи за управување со миграцијата, за нас се од огромно значење, изјави министерот Спасовски.
 
Со договорот за Фронтекс, според него ќе се овозможи подобра заштита на границите, брзо распоредување на персонал и опрема на ФРОНТЕКС или странски полициски службеници на критични точки на границите. Тој додаде дека распоредувањето на персонал на ФРОНТЕКС ќе уследи по повеќегодишната реализација на Заедничката операција на јужната граница на Република Северна Македонија, во рамки на која странски полициски службеници од повеќе европски земји и партнери заеднички работат на зачувување на границите и на безбедноста на македонските граѓани, а со тоа и зачувување на границите и безбедноста на државјаните на Европската Унија.