Евроинтеграцијата „оди“ на избори
Евроинтегративниот пат на земјава влегува во изборна година, како дома, така и во повеќе европски земји. Додека европските земји во изборните процеси се вртат претежно кон домашните проблеми, кај нас изборната реторика веќе е оформена на проевропски блок и опозициски блок, којшто се залага за ревидирање на Преговарачката рамка.
По заклучоците на Европскиот совет во декември лани, во кои е наведено дека пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ ќе продолжи по автоматизам штом бидат усвоени уставните амандмани кои се дел од Преговарачката рамка, експертите со кои разговараше МИА имаат различни очекувања за евроинтеграциите на земјава во оваа 2024 година. Меѓутоа, она што е најважно да се истакне е дека 2024 е изборна година, како во земјава, така и во Европа, којашто, според аналитичарите, може да донесе поинакво политичко милје во кое проширувањето на ЕУ повеќе нема да биде приоритет. Другото очекување е дека Унијата, кога е во прашање проширувањето, е прагматична, и оти исходот од изборите во Европскиот парламент, нема да влијае на нашите евроинтеграции.
Димитар Николовски, извршен директор на ЕВРОТИНК, очекува дека уставните измени ќе се случат во 2024 година, без разлика кој ќе формира Влада.
-Неминовно, уставните измени ќе бидат дел од коалициските математики, и верувам дека партиите ќе дојдат до согласност. За жал, тоа ќе значи дека само сме го одлагале отворањето на кластерите и поглавјата, а добивката за државата од ваквото одложување ја нема. Исто така, без разлика на резултатите од изборите во ЕП, на краток рок, тоа нема да влијае на нашата евроинтеграција, поради тоа што на евроскептичните партии ќе им треба повеќе време за да направат потенцијални проблеми и да го закочат или успорат проширувањето, вели Николовски за МИА.
Според него, во случај Албанија да се одвои од Северна Македонија на патот кон ЕУ, тоа ќе биде само привремено, поради тоа што, како што вели, очекува за брзо време да ги стигнеме откако ќе почнеме да ги отвораме поглавјата.
Во однос на добивањето почеток на преговори на Украина и Молдавија, на последниот Совет на ЕУ во декември, со 26 гласа од земјите-членки, откако унгарскиот премиер беше испратен „да испие кафе“ надвор од салата, и дали земјава можеше да го добие тој „луксуз“ во однос на билатералните прашања со Бугарија, Николовски вели дека не треба да се споредуваме со овие две држави.
-Унијата знае да биде прагматична кога ситуацијата го налага тоа. Не смееме да се споредуваме со Украина и Молдавија со оглед на разликата во геостратешката важност на двете држави. Ниту финансискиот, ниту безбедносниот аспект не налагаа во нашиот случај Бугарија да биде замолена да „излезе на кафе” дури трае гласањето, како што беше случајот со Унгарија, оценува тој за МИА.
Не очекувам, додава тој, дека во иднина Бугарија ќе биде во позиција да добие таква награда за негласање како што доби Унгарија, а уште помалку очекувам Унијата да најде за сходно да ја убедува Бугарија во наша корист, особено после нашето одложување за уставните измени.
Александар Ивановски, ЕУ експерт и директор во Европската фискална конфедерација – Брисел, се согласува дека во 2024 година Брисел и европските, но и светските престолнини, ќе бидат преокупирани со избори, почнувајќи од многу изборни циклуси во земјите членки (Финска, Португалија, Литванија, Австрија, Словачка, Романија, Хрватска, Белгија, која од 1 јануари го презеде претседавањето со ЕУ) до избори кои, како што вели, ќе бидат решавачки за правецот во кој ќе се движи светот – а тоа се изборите во САД и Велика Британија.
-Исто така, во јуни се случуваат и европските избори кои ќе го дадат составот на новиот Европски парламент и ќе ја изберат новата Европска комисија. Очекувањата на аналитичарите во Брисел се дека радикалната десница, која е против проширувањето на ЕУ со нови членки, ќе добие значително повеќе пратеници споредено со овој состав на Парламентот. Слични прогнози постојат и за националните избори во ЕУ: по изборот на радикалната десница во Холандија, во Белгија најверојатно за прв пат најмногу гласови ќе добие Влааманс Беланг (Vlaamans Belang), ултра-националистичка и сепаратистичка партија која се залага за отцепување на северот на Белгија, смета Ивановски.
Тој, за разлика од Николовски, вели дека процесите во ЕУ не се случуваат во вакуум, ниту пак поддршката за проширувањето на ЕУ е дадена еднаш за секогаш.
-Напротив, политичките процеси на национално и меѓународно ниво во 2024 година, особено со растот на парламентарното присуство на радикалите во ЕУ и земјите-членки, во голема мера ќе го одредат правецот во кој се движи ЕУ, но и потенцијалниот скептицизам за понатамошно проширување на Унијата, оценува тој во разговор за МИА.
Македонските граѓани, истакнува Ивановски, со право се разочарани од недоследноста на Европската Унија и нејзините земји-членки да ги исполнат ветувањата за проширување виз-а-виз Северна Македонија и другите земји од поранешна Југославија плус Албанија, во услови кога сите препораки на Европската комисија за почетокот на преговорите беа исполнети.
-Меѓутоа, и покрај оваа ситуација, би сакал да напоменам неколку клучни и нови моменти кои денешната ситуација во која се наоѓа Македонија ја прават поразлична од претходно: – прво, влезот на Македонија и Балканот, Украина и Молдавија во ЕУ прерасна од декларативен во реален геополитички интерес на самата Унија. Геополитичките околности се променети и светот, но пред се Европа, се соочуваат со воени и хуманитарни предизвици какви не постоеле од Втората светска војна, а тоа се воената агресија на Руската федерација врз Украина и војната на Блискиот Исток со опасност од проширување на овие конфликти кон соседните земји и опкружувањето во Европа. Опасноста е реална и консолидацијата на сојузниците е неопходна во такви околности, вели Ивановски.
Второ, додава тој, земјава е членка на НАТО, најмоќната воено-политичка Алијанса на светот и нашата територија и безбедност, па и македонскиот идентитет, се гарантирани со членот 5 од Вашингтонскиот договор, според кој, нападот на една земја членка е напад на целата Алијанса.
-Преговорите од таа позиција не се идентични со преговорите со земја која е надвор од колективните безбедносни и политички системи на Западот. Едноставно, преговорите за ЕУ членство се преговори со истите тие сојузници од НАТО, со дополнителна поддршка и ветер во грб од САД. Таа работа не е за потценување и вреди да се потсетиме на тоа, односно да научиме како овој важен аргумент да го користиме во полза на Македонија, – трето, како ретко кога во историјата, македонските интереси се поклопуваат со интересите на Западот. Т.н. „француски предлог“ дојде во поинакви геополитички околности, но во овој момент е јасно дека нема никаква реална закана по македонскиот национален идентитет, јазик, посебност – напротив. Ние сме посебна европска нација со европска иднина, со посебен македонски јазик, како држава која е пример за меѓуетнички соживот и правна рамка за правата на малцинствата од кои некој земји членки на ЕУ може само да учат. На овие постигнувања треба да сме горди сите затоа што тие не прават напредна и цивилизирана нација, и тука никакви дилеми нема и не смее да има. Историска е шансата да го затвориме процесот на консолидирање на современата македонска држава, од првиот Илинден, АСНОМ и 8 Септември, преку членството во НАТО а сега и ЕУ, дециден е Ивановски.
Поради ургентната состојба предизвикана од војната во Украина, Ивановски не гледа интерес за одделување на било која земја во процесот на проширување на ЕУ, и покрај можното инсистирање на тоа од некои фактори, и очекува ЕУ да го третира Западен Балкан во пакет.
– Вреднувањето на заслугите се разбира мора да биде индивидуално и извештаите и преговорите се водат на ниво на една земја со ЕУ и нејзините земји-членки. Но, сите земји од регионот се соочуваат со слични предизвици поврзани пред со владеењето на правото и борбата со корупцијата и од заеднички интерес на сите чинители инволвирани во овој процес е истиот да се одвива консолидирано согласно досегашните планови на Европската комисија, кои се одобрени од Советот, земјите-членки на ЕУ. Но, не треба да се потценуваат изборите во повеќе земји кои во 2024 кои можат да донесат поинакво политичко милје во кое проширувањето на ЕУ повеќе нема да биде приоритет, нагласува Ивановски за МИА.
Тој очекува дека на парламентарните и претседателските избори закажани за 2024 во земјава, ќе се кристализираат политички опции, платформи и коалиции кои се про-европски ориентирани. Вашингтон и Брисел, додава тој, јасно порачуваат дека ќе соработуваат само со оние политичари кои конкретно работат на реформи за членство во ЕУ и аналогно на тоа кои не се корумпирани.
-Мислам дека помина времето на политичари кои живеат на „стара слава“, и поради некаква декларативна про-ЕУ или про-западна ориентација ќе им биде прогледувано низ прсти за корупцијата и криминалот во кој се активно вклучени тие и нивните семејства. Најсилен инструмент во таа поддршка и понатаму ќе бидат санкциите на САД согласно Извршната Наредба од 2021, потпишана од претседателите Доналд Трамп и Џозеф Бајден, а кои го забрануваат влезот во САД или ги замрзнуваат сметките и имотот на политичари од Македонија кои се бават со криминал и висока корупција. Овие санкции на САД опфаќаат не само корумпирани политичари, туку и оние кои активно работат на поткопување или не го прифаќаат Преспанскиот договор од 2018, Охридскиот рамковен договор од 2021, Дејтонскиот договор за Босна, одлуките на Хашкиот трибунал итн. Во таа насока, претпоставувам дека во 2024 ќе видиме и судски процеси иницирани од македонските обвинители против политичарите и членови на нивните семејства кои американската влада ги стави на црна листа, а токму поради невидена корупција, смета тој.
Што се однесува до уставните измени, вели Ивановски, со оглед на променетите геополитички околности, а гледано од бриселска перспектива, тука веќе не останува ниту простор за дискусија ниту за маневрирање.
-Јасно е дека Брисел и Вашингтон, согледувајќи ги заедничките интереси и во соработка со македонските власти, сакаат да видат уставни измени и тие ќе продолжат да го повторуваат тоа се додека македонските политичари не постигнат собраниско мнозинство за тоа. Мислам дека вреди да се потсетиме дека ние не сме Украина, која е така-речи пола Европа и брана од Русија кон ЕУ, ниту пак сме Хрватска која го има цело Јадранско море и невидена стратегиска положба. Па и Хрватска мораше да направи непринципиелни отстапки кон Словенија и Пиранскиот залив, се сеќаваме на падот на Иво Санадер и доаѓањето на Јадранка Косор на чело на хрватската влада токму за да се потпише договорот со Словенија и ЕУ, вели Ивановски.
Тој потсетува дека лидерите на ЕУ донесоа заклучоци со кои се обврзуваат дека да ја завршат фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, штом ќе ги заврши уставните измени наведени во заклучоците на Советот од јули 2022 година. Тоа значи, потсетува тој, дека втората меѓувладина конференција со која продолжуваат македонските преговори со ЕУ, ќе се одржи веднаш штом се изгласаат уставните измени, без дополнителни одложувања, условувања или дополнителна политичка одлука.
-Со оглед на ваквите одлуки на ЕУ, и одлучноста на САД да ни помогнат во оваа клучна фаза од пристапувањето на ЕУ, не очекувам дека партиите кои директно или индиректно ќе бидат против ЕУ и САД би имале било какви изгледи за блокирање на нашата евро-интеграција. ЕУ ќе обезбеди 6 милијарди евра за реформи, доколку успееме да собереме сила да ги направиме тие реформи. Дополнително, ЕУ ќе продолжи со финансиска и техничка помош од постоечките фондови како ИПА и ТАЕКС со цел да ни помогне да се усогласиме со европските стандарди, нешто од што бенефит ќе имаме сите ние, вели Ивановски.
Тој е дециден дека земјава веќе одамна требаше да започне сериозно да се занимава со реформите што граѓаните ги очекуваат, а особено, вели, по уставните измени ќе се отвори доволно политички простор за вистинските прашања кои ги мачат граѓаните.
-ЕУ се согласува дека реалните проблеми се огромни: конечно да се обезбеди независност, професионализам и непристрасност на судството, вистинска борба против корупцијата и организираниот криминал и реформа на јавната администрација. ЕУ исто така инсистира и на осигурување на правна рамка за заштита на основните човекови права на лицата кои припаѓаат на малцинските заедници, а тука пред се се мисли на индивидуалните права и недискриминаторски третман на лицата во ранлива ситуација, како што се Ромите, лицата со попреченост, ЛГБТИ лицата, транс-родовите лица, жените, правата на младите и детето, кои за жал беа брутално кршени во 2023 година на очиглед на целата јавност, заклучува Ивановски за МИА.