Евроамбасадорот Гир во посета на Тетово


Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир

Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир денеска ќе го посети Тетово, каде ќе одржи неколку средби, од кои првата ќе биде со тетовскиот градоначалник Биљал Касами. 

Тој, како што информираат од Делегацијата на ЕУ во земјава, ќе се сретне со претставници на граѓанското општество кои се активни на локално ниво, и тоа: Еко Герила, Асоцијацијата за демократски развој на Ромите „Сонце“, Институтот за развој на заедницата – ЦДИ и Форумот на жени. Целта на овие состаноци е да се разговара за прашања од важност за создавање овозможувачка средина за граѓанското општество во заедницата.

 

Амбасадорот Гир ќе ги посети и зимско-рекреативниот центар Попова Шапка, каде што хотелот „Арена Тетекс“ беше корисник на Програмата за локална и регионална конкурентност финансирана од ЕУ.

-Помошта од ЕУ во вредност од 83.000 евра придонесе за проширување и подобрување на капацитетите за сместување, подобрување на квалитетот на постоечките и воведување нови услуги за туристите. Благодарение на оваа поддршка, хотелот „Арена Тетекс“ остана конкурентен и за време на пандемијата, првпат нудејќи аранжмани во летната сезона што подразбира зголемување на бројот на вработени во хотелот, се наведува во соопштението од Делегацијата на ЕУ во земјава.

На крајот од денот, како што се додава во соопштението, здружението ЛГБТ Јунајтед ќе ја претстави својата работа за промоција на човековите права и подигање на свеста за принципите на еднаквост и инклузија преку создавање на овозможувачка средина за различностите.