ЕВРО2024: Италија прими најбрз гол на ЕП, па со пресврт ја совлада Албанија

Актуелниот европски првак Италија со победа ја почна одбраната на титулата, совладувајќи ја вечерва во Дортмунд репрезентацијата на Албанија со 2-1 во рамки на првото коло во групата Б на ЕВРО2024.
Натпреварот почна шокантно за Италија која по само 23 секунди се најде во резултатска негатива, откако Бајрами искористи кардинална грешка во противничката одбрана и го постигна најбрзиот гол во историјата на европските првенства.
🇮🇹 Italy begin with a comeback win 👏#EURO2024 | #ITAALB pic.twitter.com/btuT9CYc7H
— UEFA EURO 2024 (@EURO2024) June 15, 2024
Италијанските фудбалери брзо се созедоа и по само 16 минути игра го презедоа водството.
Бастони во 11 минута израмни на 1-1, а пет минути подоцна Барела донесе целосен резултатски пресврт и стартна победа за Италија на ЕВРО2024.
Во рамки на групата Б претходно денеска Шпанија со 3-0 ја совлада Хрватска.