Еврејската заедница згрозена и навредена од името на бугарскиот културен клуб


 
Еврејската зедница и Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија денеска преку соопштение велат дека се згрозени и навредени од името на новиот културен дом во Битола, кој носи име на потврден фашист и близок соработник со нацистите.

 

„На  Шабат и прв ден Песах, ден кога Евреите од целиот свет го слават празникот за ослободување од египетско ропство, највисоките бугарски претставници на власта – премиерот Кирил Петков, потпретседателот на државата Илијана Јотова, министерот за надворешни работи Теодора Генчовска, поранешниот министер за надворешни работи Екатерина Захариева, и други, официјално го отворија бугарскиот културен центар “Ванчо Михајлов“ по името на докажан фашист, соработник на Павелиќ, Мусолини и Адолф Хитлер. Овој чин претставува навреда за Евреите и е закана за човековите слободи и права, кршење на демократскиот карактер и вредностите на модерна Европа“, велат од таму.

Тие додаваат дека ова е чин со којшто се загрозува мултикултурализмот.

„Класичен пример за непочитување и искривување на историјата. Еклатантен обид во таканаречената „заедничка историја“ на која инсистира Бугарија, таа да се претстави како ослободител, а не како фашистички окупатор кој во центарот за убивање Треблинка депортира 7.144 македонски Евреи или 98% од еврејската популација во тоа време. Обид да се минимизира улогата на Р.Бугарија во холокаустот и окупацијата на Македонија. Искривување на фактите од европската и светска историја за Втората светска војна. Чин којшто не е во духот на добрососедските односи помеѓу Северна Македонија и Бугарија“, велат од Еврејската заедница и Фондот на холокаустот на Евреите.

  • Во Собранието да се донесат измените на кривичниот закон, иницирани од Еврејската заедница во 2017 година, со кои ширењето на антисемитизмот, негирањето и искривувањето на холокаустот, глорификација на фашизмот и нацизмот, како и употреба на нивните симболи и поздрави да бидат казниви со закон;
  • Да се поведе постапка околу правната издржаност културни и други центри, граѓански здруженија итн. да носат имиња по потврдени фашисти и докажани соработници на нацистите;
  • Владата на Р. Бугарија да се извини за злосторствата и холокаустот направени од нивните претходници за време на Втората светска војна;
  • Европската Унија и Европскиот парламент да го осудат ваквото поведение на Р. Бугарија.

„Ние, Евреите од Република Северна Македонија, како и бројни македонски граѓани , имаме многу пријатели од Р. Бугарија, со којашто сакаме како соседи да живееме во мир и благосостојба. Фашистичкото минато на Бугарија под водство на цар Борис III и останатите докажани нацисти од врвот на власта на Царска Бугарија во Втората светска војна не смеат да претставуваат пречка во градењето добрососедски односи втемелени на взаемна почит, пријателство и доверба. Денешницата не смее да биде жртва на историјата, како што и иднината не смее да биде жртва на вистината“, велат од таму.