Еврејската заедница од Македонија бара Бугарија да се соочи со историската вистина


Преку соопштение Еврејската заедница во Македонија бара од денешните власти на Република Бугарија „да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста“. Заедницата потсетува „на неоспорните историски факти кои се општо прифатени а се однесуваат на улогата на Царството Бугарија во холокаустот и депортацијата на Евреите од денешна Северна Македонија“ и вели дека 8.000 Евреи кои живееле на денешната територија на Република Северна Македонија биле под удар на „бугарските пронацистички окупаторски власти веднаш го спроведуваат врз Евреите антисемитскиот Закон за заштита на нацијата со кој на Евреите им се ускратуваат сите граѓански права, се дехуманизираат, се воведува Законот за еднократен данок на имот, со кој ‘легално’ се ограбени, се задложуваат сите Евреи да носат Давидова ѕвезда, еврејските куќи се обележани, дуќаните затворени, бизнисите и парите конфискувани. Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е возможно, бидејќи негирањата на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување“.

Понатаму, „Република Бугарија со укинувањето на пресудите во 1996, донесени од Народниот суд во 1945 и аболицирање на злосторниците од Втората светска војна свесно ја прикрива својата мрачна историја и со тоа ја искривува вистината за холокаустот што го направија нивните претходници врз еврејското население во окупираните територии. Ова е во целосна спротивност на дефиницијата на ИХРА за негирање и искривоколчување на холокаустот.

Јавно ја повикуваме владата (или официјалните избрани политички авторитети – премиер, претседател, претседател на парламент) на Република Бугарија да се соочат со вистината за холокаустот врз Евреите во окупираните територии, за која пронацистичката влада во Царството Бугарија од тоа време е директно одговорна, и да се извинат и да ја прифатат одговорноста. Колку поскоро демократска Република Бугарија се соочи со болните и мрачни моменти од своето минато, помирувањето е возможно, бидејќи негирањата на злосторствата е прв чекор кон нивно повторување“, велат од Еврејската заедница и нагласуваат дека овој став во никој случај не смее и не може да биде протолкуван како антибугарски кон денешна демократска Република Бугарија и нејзиниот народ.

Во исто време, „Евреите од Северна Македонија им оддаваат и должна почит на бугарската православна црква, антифашистичката јавност, 43 парламентарци на чело со Димитар Пешев и на други интелектуалци кои со своите заложби успеаја да ја запрат депортацијата и да ги заштитат Евреите од Бугарија од пронацистичкиот бугарски режим, но не и Евреите во окупираните територии“.