Европската медицинска агенција денеска одлучува за вакцината на „АстраЗенека“


 

Европската медицинска агенција ЕМА, денеска треба да донесе одлука за безбедноста на употребата на вакцината против Ковид-19 на „АстраЗенека“.

ЕМА ја разгледува ситуацијата откако повеќе земји привремено го сопреа вакцинирањето со оваа вакцина, поради страв од нуспојави, како што е згрутчување на крвта.

ЕМА презеде детална проценка за мал број случаи кои се однесуваат на згрутчување на крвта кај некои кои ја примиле оваа вакцина.

Одборот задолжен за проценка на ризикот по денешниот состанок треба да ги објави препораките.

ЕМА соопшти дека ги разгледува податоците кои се однесуваат на сите тромбемболии забележани по вакцинирањето, вклучуваќи дополнителни податоци кои ѝ се доставени од националните здравствени агенции.

„Продолжува брзата и темелна анализа на достапните податоци и клинички околности во врска со одредени случаи за да се утврди дали вакцината може да придонесе или случаите се предизвикани од други причини“, наведува ЕМА, пренесоа агенциите.

И ЕМА и Светската здравствена организација препорачаа продолжување на вакцинацијата со „АстраЗенеа“, напоменувајќи дека нејзините предноси ги надминуваат ризиците од Ковид-19.

„АстраЗенека“ соопшти дека 17 милиони луѓе во ЕУ и Велика Британија ја примиле вакцината, а дека пријавениот број згрутчувања на крвта е помалку од „сто случаи“ кои би се очекувале во популацијата, независно од употребата на вакцината.