ЕВН Македонија: Корисниците можат онлајн да пријават состојба на броило

ЕВН Македонија воведе нова услуга за онлајн пријавување на состојба на броило, со што отсега корисниците ќе можат сами да ги испратат до ЕВН податоците за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа од нивното броило и врз основа на овие податоци да добијат фактура за електрична енергија.

Постапката на пријавување состојба, информираат од ЕВН Македонија, е лесна и брза и се прави преку evnonline.mk, без потреба од регистрација на профил.

– Најпрво се внесуваат бројот на корисник и серискиот број на броилото, основни податоци што секој корисник може да ги најде на првата страна од било која фактура. Потоа, корисникот треба да ги прочита и внесе состојбите на неговото броило за потрошувачката на електрична енергија во висока и ниска тарифа. На крај се внесуваат основни податоци за контакт. Согласно пријавените состојби на корисникот ќе му се изготви фактура во редовниот период на фактурирање на кој корисникот му припаѓа, информираат од ЕВН Македонија.

За точно запишување на состојбите, во зависност од моделот на броило, корисникот на evnonline.mk може да погледне детално упатство за читање на броилото. Од ЕВН Македонија посочуваат дека е многу важно корисниците да бидат внимателни при споредба на вредностите за потрошувачка од доставената фактура со моменталните состојби од броилото.

Оваа можност, информираат од ЕВН Македонија, е особено корисна во случаи кога броилата на корисниците, од било која причина, не се отчитани и поради тоа се изготвуваат сметки со претпоставена потрошувачка (вонредни состојби, непристапност до броилото, годишни одмори и др.).