ЕВН ќе биде универзален снабдувач со струја


Фото: Б. Грданоски

 

Владата на денешната седница ја донесе одлуката за избор на универзален снабдувач со електрична енергија. За најповолна понуда во соодветната постапка е избрана понудата доставена од групата понудувачи ЕВН Македонија електроснабдување ДООЕЛ Скопје – носител и ЕВН Македонија АД Скопје – член на групата, соопшти прес-службата на Владата.

За носител на набавката е избран економскиот оператор којшто понуди најнизок процент на бруто маржа во текот на електронската аукција, а чијашто понуда претходно е оценета како прифатлива. Критериумот за доделување на договорот за универзален снабдувач, притоа, е бруто понудената маржа за снабдување.

Основата за пресметката на цената по којашто универзалниот снабдувач ќе ги снабдува малите потрошувачи и домаќинствата во којашто е вклучена и бруто маржа, е во согласност со Тарифниот систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај.