Евертон доби нов сопственик


Англискиот фудбалски прволигаш Евертон има нов сопственик во американската компанија „777 Партнерс“, која за клубот од Ливерпул на досегашниот прв човек Фархад Мошири му плати повеќе од 640 милиони фунти.

Компанијата со седиште во Мајами објави денеска дека презела 94.1 отсто од акциите на Евертон.

„Навистина сме почестени што можеме да станеме дел од семејството на Евертон како чувари на клубот и сметаме дека сме привилегирани што ќе имаме можност дополнително да го градиме неговото гордо наследство и вредности“, објави основачот на „777 Партнерс“, Џош Вондер.

Во сопственост на оваа американска компанија се и италијанскиот прволигаш Џенова и белгиски Стандард, а „777 Партнерс“ има удел и во сопственоста на шпанскиот прволигаш Севиља и австралискиот Мелбурн Виктори.

Евертон изминатите две сезони одвај го спаси премиерлигашкиот статус, иако досегашниот сопственик Мошири на трансфери потроши речиси 750 милиони евра.