Еве, што направи Ибрахимовиќ на Санремо 2024 (видео)


Санремо –  Синоќа започна 74. издание на италијанскиот музички фестивал Санремо, на кој Италијанците и оваа година ќе го изберат својот претставник на Изборот на песна за Евровизија.

Покрај водителот Амадеус, водител на првата полуфинална вечер на Санремо беше Марко Менгони, минатогодишниот победник на фестивалот, објави „РТС“.

 

Амадеус неколку пати беше прекинуван со мелодии кои потсетуваат на „балканска музика“. По три песни, Амадеус побара од директорот на оркестарот да му објасни за што се работи.

 

На изненадување на публиката, на сцената се појави фудбалерот Златан Ибрахимовиќ, а во позадина свиреше инструменталната верзија на песната „Луда за тобом“ од регионалната музичка ѕвезда Лепа Брена.

Ибрахимовиќ се пошегува дека го слушал своето тело, па престанал да игра фудбал, а неговиот пример би можел да го следи и Амадеус кој има 61 година. Патем, Амадеус е препознатливо лице на Санремо, кој годинава за последен пат го води фестивалот.

Ова не е првпат Ибра да гостува на „Санремо“ бидејќи прв пат се појави пред три години, а тогаш на сцената се појави во ритамот на песната „Jutro je“ на пејачката Нада Топчагиќ.

Швеѓанецот со босанско потекло и оженет со Швеѓанка, не е првиот фудбалер кој гостува на „Санремо“, бидејќи пред него на овој фестивал гостуваа имиња како Роберто Баџо, Франческо Тоти или Антонио Касано.

Ибрахимовиќ се пензионираше на крајот од минатата сезона, а неодамна стана виш советник во Милан. Во својата кариера настапуваше за неколку врвни европски клубови, а се одлучи и за американска авантура со Лос Анџелес Галакси. Во целата своја кариера одигра 827 натпревари на кои 496 пати ја погоди мрежата и 204 пати асистираше.